• вторник, 24 декември 2024

„Марш за демократија“ на АА и Алтернатива: ДУИ не е победник на изборите, правото на глас мора да се почитува

„Марш за демократија“ на АА и Алтернатива: ДУИ не е победник на изборите, правото на глас мора да се почитува
Скопје, 27 јули 2020 (МИА) - Држава што ги почнува преговорите за членство во Европската Унија не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и да бидат избрани, што е основното човечко и политичко право во ЕУ, порача коалицијата на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива од вечерашниот „Марш за демократија“ во Скопје. Според коалицијата, ДУИ не е победник на овие избори и нема легитимитет да го застапува албанскиот народ во Северна Македонија. Лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши во обраќањето пред Делегацијата на ЕУ упатија две барања до земјите - членки на ЕУ: да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците и да почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик. - ДУИ не е победник на овие избори, туку е арамија на албанската политичка волја. Може да ја има легалноста според Државна изборна комисија, но никогаш нема да има легитимност за застапување на албанскиот народ во Северна Македонија. Ако сме земја која има за цел европска интеграција, слободата и демократијата треба да бидат клучен збор за оваа интеграција. Бараме од земјите на Европската унија, да се ​​осуди злоупотребата на правото на глас и да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците во Северна Македонија, како и да почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик за идните избори, како што оценија, да станат пример дека нашата земја ги исполнува европските стандарди за фер и демократски изборен процес, беше порачано од собирот. За организаторите, изборите на 15 јули 2020 година се најнедемократските избори што некогаш биле одржани во земјава. - Овие избори уште еднаш докажаа дека демократијата кај Албанците е безначајна идеја, зашто зборот „избори“ во албанскиот политички камп стана еквивалентен на зборот кражба. Манипулацијата со волјата на албанските гласачи, што веќе се случува на неколку изборни циклуси и која беше брутално истакната особено на последните избори, е аларм за нас дека ако не реагираме денес, утре може да биде предоцна. Како партија, може да се повлечеме од оваа нееднаква и не фер трка за нас, но се плашиме дека албанските гласачи ќе се лизгаат кон диктатурата и на долг рок може да има непожелни и непредвидливи импликации не само за Албанците, кои денес се жртви на државно фаќање, сметаат АА и Алтернатива. Според нив, купувањето гласови, рекетирањето гласачи, корупцијата, заплашувањето, узурпацијата на слободата на избор, гласањето за луѓе кои не се тука, злоупотребата на записници и други манипулации со правото на глас се сигнали дека албанското општество во Северна Македонија е заробено од каста мафијаши. - Овој начин на организирање на изборите, покрај тоа што става дамка на демократијата кај нас, предизвикува и обесхрабрување кај албанските граѓани да учествуваат на изборите кога веќе се знае резултатот и уште повеќе, ја убива демократијата, претворајќи се во монизам, диктатура или поточно демократија што како резултат може да има акумулирано незадоволство кое може да еруптира во незамисливи форми, потенцираа од двете партии. Тие најавија дека борбата за демократија ќе продолжи. Веќе имаат, потсетија,  пратеници кои, независно дали како дел од мнозинството, ќе бидат гласот на Албанците. Маршот почна во 19:00 часот од паркот Чаир, продолжи преку улицата „Цветан Димов“, кај трговскиот центар „Мавровка“, потоа приврзаниците на АА и Алтернатива помина покрај Владата, а собирот заврши пред канцелариите на Делегацијата на ЕУ. Покрај албанските, можеа да се забележат и американски и знамиња на ЕУ, а меѓу транспарентите во првите редови беа оние со пораките „Нашата демократијата беше хакирана“, „Крадци во затвор, не во Владата“,Нè направивте сиромашни за да не купите“ и „Државен изборен криминал“. Додека поминуваа покрај Владата, некои од учесниците ја исвиркуваа и скандираа. Учесниците на маршот постојано беа придружувани од полицијата, а имаше и редари ангажирани од организаторите. Иако беше најавено дека ќе бидат запазени сите заштитни мерки согласно корона протоколот, сепак, дел од учесниците не носеа заштитни маски или ги носеа, но под устата. мч/сп/

Остани поврзан