Џ.К. Роулинг: Ема Вотсон не сфаќа колку е неинформирана
- Последниве години, Роулинг привлекува пофалби и критики за своите коментари против трансродовата заедница, додека Вотсон јавно изрази поддршка за тие лица.
Лондон, 30 септември 2025 (МИА) - Писателката Џоан К. Роулинг ја критикува Ема Вотсон, откако неодамна таа проговори за нивните комплицирани односи. Џ.К., имено, објави подолга порака на својот интернет-простор, по бројните коментари за интервјуто на британската глумица во емисијата на Џеј Шети.
Џ.К. Роулинг: Ема Вотсон не сфаќа колку е неинформирана
„Како и другите луѓе кои никогаш не доживеале зрелост без богатство и слава, Ема има толку малку искуство во вистинскиот живот, што не е свесна колку е неупатена. Не очекувам одговор од ниту еден актер кој некогаш играл лик што го создадов. Ема Вотсон има целосно право да ја прифати трансродовата заедница, па не би сакала таа да биде изложена на опасност од губење на работата, насилство или смрт поради тоа. Сепак, таа јасно стави до знаење дека мисли дека нашето поранешно дружење ѝ дава право да ме критикува мене и моите ставови јавно. Години откако заврши со глумењето во Хари Потер, таа сè уште ја презема улогата на, де-факто - гласноговорничка на светот што јас го создадов“, напиша британската писателка.
Овој одговор дојде откако Вотсон во своето интервју изјави дека не е важно што се кажува или верува, туку како се кажува. Последниве години, Роулинг привлекува пофалби и критики за своите коментари против трансродовата заедница, додека Вотсон јавно изрази поддршка за тие лица.
- Го гледам овој свет, каде што, се чини, дозволуваме луѓето да бидат отфрлени. Секогаш ќе мислам дека ова е погрешно. Секој, колку што е можно повеќе, треба и може да биде третиран со достоинство и почит, вели Вотсон.
Понатаму таа истакнува дека „најздодевното нешто во врска со Роулинг е тоа што разговорот никогаш не бил можен“. Кога Шети ја праша младата хлумица дали е отворена за дијалог со Роулинг, оваа рече „Да“, забележувајќи дека, сепак, не сака да каже ништо што би ја продолжило токсичната дебата.
Вотсон ги издвои љубезноста и зборовите на охрабрување што ги добила во минатото од Роулинг. Коментарите дојдоа откако на многу обожаватели им се чинеше дека Вотсон ѝ се потсмева на писателката со своите забелешки на несогласување. си/ссм/
Фото: ЕПА, колаж.