• сабота, 23 ноември 2024

Џулијан Асанж после 14 години: Последен обид на основачот на Викиликс да избегне екстрадиција во САД

Џулијан Асанж после 14 години: Последен обид на основачот на Викиликс да избегне екстрадиција во САД

20 февруари 2024 

Кликс

Адвокатите на основачот на Викиликс Џулијан Асанж денеска започнуваат процес што би можел да биде негов последен обид да избегне екстрадиција во САД каде што се соочува со судење и долги затворски казни за оддавање воени тајни.

На дводневното рочиште во Високиот суд во Лондон се очекува неговиот правен тим да инсистира да му се дозволи целосна жалба. Нема гаранција дека ќе биде одобрено, а доколку биде одбиено, тој може да биде предаден на американските власти во рок од неколку недели.

Поддржувачите на основачот на Викиликс велат дека тој открил неправилности, но според САД, Џулијан Асанж загрозил многу животи.

Маратонската правна битка на Асанж започна во 2010 година кога Викиликс откри мноштво доверливи воени документи од војните во Ирак и Авганистан, вклучително и снимка на која се гледа како американски хеликоптер гаѓа цивили во Багдад.

Седум години беше засолнет во амбасадата на Еквадор во Лондон, пред да биде уапсен од Метрополитен полицијата во 2019 година.

САД бараа негова екстрадиција од Велика Британија таа година, велејќи дека неговите откритија ги ставиле во опасност животите на луѓето.

Две години подоцна, британски судија пресуди дека иако САД покажаа дека имаат легитимно кривично дело против Џулијан Асанж, тој не може да биде екстрадиран бидејќи може да се обиде да си наштети.

Америка подоцна ја поништи таа пресуда откако и даде на Велика Британија нови гаранции дека Асанж ќе биде третиран хумано, вклучително и можност тој да ја одлежи евентуалната затворска казна во неговата родна Австралија.  Нивните адвокати, исто така, постојано ги негираа тврдењата од кампањата на Асанж дека тој може да биде осуден на 175 години затвор.

На сослушувањето оваа недела, адвокатите на Асанж се очекува да побараат дозвола да го оспорат налогот за екстрадиција потпишан пред речиси две години од тогашната британска министерка за внатрешни работи Прити Пател.

Доколку не ги убедат судиите дека нешто не е во ред со таа наредба, Асанж мора да биде екстрадиран во рок од 28 дена - освен ако не го убеди Европскиот суд за човекови права привремено да го запре авионот со таканаречениот налог „Правило 39“.

Ник Вамос, поранешен шеф за екстрадиција во државното обвинителство, рече дека американските маршали би можеле да пристигнат во Лондон во рок од неколку дена доколку Високиот суд го отфрли случајот.

„Постои многу висок праг за интервенирање на Европскиот суд за човекови права, имено дека постои „непосредна опасност од непоправлива штета“ за неговите човекови права, што секако е еден од аргументите што Високиот суд во Лондон сака да го отфрли“, рече тој.

Говорејќи за Би-Би-Си, Стела Асанж вчера рече дека нејзиниот сопруг нема да преживее во американски затвор и дека случајот е политички мотивиран.

„Овој случај ќе утврди дали ќе преживее или ќе умре“, рече таа.

Џулијан Асанж се наоѓа во лондонскиот затвор Белмарш од 2019 година, додека трае случајот со барањето на САД за негова екстрадиција. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан