• среда, 27 ноември 2024

Џони Деп доби можност за пресврт во судската битка против Амбер Хард

Џони Деп доби можност за пресврт во судската битка против Амбер Хард
Њујорк, 4 август 2021 (МИА) - Џони Деп доби можност за пресврт во бракоразводната парница, против поранешната сопруга Амбер Хард. Приказната трае од 2016 година, кога Хард поднесе барање за развод и го обвини Деп за насилство. Деп и неговите адвокати ги отфрлија обвинувањата, тврдејќи дека Хард само се обидува да профитира. Но, наскоро беше постигната спогодба од седум милиони долари, за која Хард тврдеше дека ќе ги донира на Сојузот за граѓански слободи на САД и Детската болница во Лос Анџелес. Сега Деп бара да открие дали неговата поранешна сопруга го одржала тоа ветување. Неговиот адвокат, Ендрју Калдекот, тврди дека ветената донација била „пресметана и манипулативна лага“, која „од самиот почеток имала за цел - уништување на Деп“. Судот во Њујорк делумно го уважи барањето на правниот тим на Деп и ќе наложи американскиот Сојуз за граѓански слободи да објави документи кои потврдуваат дека Хард го исполнила својот дел од спогодбата. Ако се покаже дека Хард не ги дарувала парите, Деп и неговиот правен тим ќе имаат аргументи против неа, во негова корист. Спогодбата беше постигната во август 2016 година, а три години подоцна Деп го тужеше британскиот таблоид „Сан“ за пишување дека ја малтретирал својата сопруга. Тоа доведе до судење во 2020 година, кое Деп го загуби. Судијата на лондонскиот Врховен суд одлучи дека тој постојано ја напаѓал својата поранешна партнерка и ја натерал да се плаши за својот живот. Поради целата ситуација, Деп мораше да поднесе оставка околу филмот „Фантастични ѕверки 3“.  си/сд/

Остани поврзан