• вторник, 24 декември 2024

Џикиќ: Членките на ЦЕФТА да ја обноват својата посветеност за заеднички регионален пазар

Џикиќ: Членките на ЦЕФТА да ја обноват својата посветеност за заеднички регионален пазар
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Регионалната соработка не е мит, туку наша реалност. Тоа е нашиот начин да обезбедиме место под чадорот на ЕУ. Не треба да ги затвораме очите пред предизвиците, тие постојат. Сепак, не треба ниту да заборавиме што постигнавме заедно. Гледајќи ја регионалната соработка низ очите на ЦЕФТА, трговијата се зголеми меѓу 74 и 127 проценти, трговијата со стоки и услуги се либерализирани и понатаму се олеснуваат, областите на соработка продолжуваат да се прошируваат, а дигитализацијата на трговијата го зема својот пат, вели во интервју за МИА директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ. Џикиќ кој денеска ќе учествува на Балканскиот економски форум, нагласува дека и покрај предизвиците, новите политики кои би создале повеќе трговски можности се воспоставени, но се чека на ЦЕФТА членките да ја обноват својата посветеност согласно Акцискиот план за заеднички регионален пазар. -Не треба да го пропуштиме потенцијалот што е пред нас, потенцијал што може да ни помогне да се справиме со економските предизвици и да го забрзаме закрепнувањето. Она што ни треба е дополнително да ја зајакнеме довербата меѓу нас за да го достигнеме дополнителното зголемување на БДП од 6,7 отсто, подвлекува директорот на Секретаријатот. Според него, иако механизмите на ЦЕФТА не можат директно да влијаат на стапката на инфлација, пакетот економски иницијативи и договори кои се спроведени, ги поддржуваат државите да ја зголемат трговијата за новите иницијативи да создадат нови трговски можности. Џикиќ во интервјуто за МИА се осврнува и на Отворен Балкан. Г-не Џикиќ, светот се соочува со економска/енергетска криза чии последици веќе значително се чувствуваат. Која е предноста да се биде член на ЦЕФТА во ваков момент? Ниту една економија никогаш сама не се справила со криза, туку во соработка со своите партнери. Колку е посилна и поинституционализирана соработката, толку е поефикасен одговорот на кризата. Во екот на пандемијата, за само неколку недели беше поставен целиот систем на Зелен коридор/Зелени патеки, вклучувајќи ги стотиците чинители од јавните институции, бизнис секторот и регионалните организации кои работеа како еден ентитет. Ги мобилизиравме сите капацитети на „зелените“ премини, овозможувајќи заживување на трговијата. Она што го научивме е дека одговорот на кризата е само прв чекор. Справувањето со последиците лежи во создавање нови трговски можности. Креирањето заеднички политики, засновани на политиките и стандардите на ЕУ, е патот што треба да се оди. Од една страна, овие политики ја зголемуваат трговијата меѓу државите, а од друга ја подобруваат конкурентноста на компаниите на ЕУ и на светскиот пазар. Тоа е агендата на ЦЕФТА, доверена од лидерите од Западен Балкан, во усвоениот Акциски план за заеднички регионален пазар. Нашата агенда е фокусирана на две полиња. Првото, развивање нови области на соработка меѓу ЦЕФТА членките, како што се е-трговија, признавање на програмите на AEOS, испорака на пратки, отстранување на лиценци, работни дозволи со цел да се создадат нови трговски можности. Студиите покажаа дека, доколку ЦЕФТА ја доведеме на ниво на интеграцијата што постои во ЕУ, тоа ќе доведе до зголемување на дополнителниот БДП за 6,7 проценти. Второто, усогласувањето на политиките со ЕУ, создава можност за проширување на придобивките што ги уживаат страните меѓу нив, со земјите-членки на ЕУ. Проширувањето на зелените и сините патеки со Грција и Италија се пример како успешната соработка меѓу ЦЕФТА членките служи како модел на соработка со ЕУ. Имајќи ја предвид потребата од зајакнување на регионалната економска соработка и забрзување на закрепнувањето, особено во светлината на Заедничкиот регионален пазар и Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, важноста на ЦЕФТА договорот лежи во обновата на флексибилното економско опкружување. Кои се во овие услови придобивките од договорите за слободна трговија и за што може конкретно сега да се искористи трговската отвореност меѓу земјите членки на ЦЕФТА? Е- трговијата, особено по пандемијата, стана важен продажен канал и обезбедувач на приход за компаниите и значаен елемент на растот. Поради неговиот висок потенцијал да го поттикне економскиот раст, дигиталната трансформација и придобивките што ги носи за економиите на Западен Балкан, целосниот потенцијал на е-трговијата допрва треба да се искористи. Како дел од агендата за CRM, ЦЕФТА работи на три нови одлуки кои чекаат да бидат усвоени од Заедничкиот комитет - Одлука за олеснување на електронската трговија која ќе ги поддржи малите и средни компании кои продаваат онлајн, поедноставување на законите и прописите за продажба на целиот пазар на ЦЕФТА, Одлука за услуги за достава на пакети помеѓу членовите и Одлука за спречување на неоправдано гео-блокирање, што би обезбедило исто ниво на заштита на потрошувачите, транспарентност на цените и отстранување на неоправданите практики на гео-блокирање на милиони луѓе кои купуваат онлајн. Овие одлуки го поддржуваат создавањето на ЦЕФТА пазар вреден една милијарда евра, со 20 милиони клиенти. Освен на е-трговијата, се работи и на поедноставување на царинските процедури и подобрување на електронската размена на податоци, приближување до трговијата без хартија. Одлуката за признавање на програмите AEOS е финализирана. Откако ќе биде усвоена, ќе им овозможи на доверливите ЦЕФТА компании, кои веќе го добиле статусот на АЕО, да извезуваат по поедноставени царински процедури. Исто така, надградена е и комуникацијата помеѓу царинските управи и различните агенции вклучени во царинењето на стоки во регионот. Во пракса, SEED и SEED+ придонесуваат за значително намалување на времето на чекање на премините, поедноставување на постапката и намалување на трошоците. Дали и колку може соработката меѓу земјите членки на ЦЕФТА да го намали инфлаторниот удар? Иако механизмите на ЦЕФТА не можат директно да влијаат на стапката на инфлација, пакетот економски иницијативи и договори кои се спроведени ги поддржуваат страните да ја зголемат трговијата, како новите иницијативи би создале нови трговски можности. Ревидираните, преодни ПЕМ правила за потекло, за извоз на пазарите на ЦЕФТА, меѓу другото, ја укинуваат забраната за враќање на давачките за суровини без потекло, со што се намалуваат трошоците за извозниците, кои би станале поконкурентни на пазарите во регионот. Во услови кога стопанството се соочува со негативните последици од зголемените цени на енергенсите, секоја активност што придонесува за намалување на трошоците на нашите извозници е од особено значење. Поради војната во Украина и кризата, странските компании сметаат дека овие флексибилни правила за потекло се поволни за нивните бизнис, додека компаниите од регионот добиваат повеќе можности да влезат во синџирите на вредност. Страните на ЦЕФТА во овие услови би можеле да привлечат повеќе странски инвестиции. Како ја оценувате иницијативата Отворен Балкан и дали сметате дека во неа треба да се вклучат повеќе земји? Секоја иницијатива што би можела да придонесе за спроведување на Акциониот план за заеднички регионален пазар во Западен Балкан е за поздрав. Регионалната соработка останува важен дел од процесите за пристапување во ЕУ. Затоа, сите иницијативи треба да бидат инклузивни, сеопфатни, во согласност со политиките и стандардите на ЕУ и ЦЕФТА, бидејќи тие ја обезбедуваат правната рамка за регионалната трговска политика и таа е дел од претпристапната агенда. Кои ќе бидат клучните пораки од Балканскиот економски форум? Регионалната соработка не е мит, туку наша реалност. Тоа е нашиот начин да обезбедиме место под чадорот на ЕУ. Не треба да ги затвораме очите пред предизвиците, тие постојат. Сепак, не треба ниту да заборавиме што постигнавме заедно. Гледајќи ја регионалната соработка низ очите на ЦЕФТА, трговијата се зголеми меѓу 74 и 127 отсто, трговијата со стоки и услуги се либерализирани и понатаму се олеснуваат, областите на соработка продолжуваат да се прошируваат, дигитализацијата на трговијата го зема својот пат. И покрај предизвиците, новите политики кои би создале повеќе трговски можности се воспоставени, но се чека на ЦЕФТА страните да ја обноват својата посветеност дадена во Акцискиот план за заеднички регионален пазар. Не треба да го пропуштиме потенцијалот што е пред нас, потенцијал што може да ни помогне да се справиме со економските предизвици и да го забрзаме закрепнувањето. Она што ни треба е дополнително да ја зајакнеме довербата меѓу нас за да го достигнеме дополнителното зголемување на БДП од 6,7 отсто. Мирјана Чакарова

Остани поврзан