• четврток, 26 декември 2024

Џез хепенинг на Ибни Пајко, ЗЏМ фокусирани на претставувањето на повеќе македонски музички имиња

Џез хепенинг на Ибни Пајко, ЗЏМ фокусирани на претставувањето на повеќе македонски музички имиња

Скопје, 30 април 2023 (МИА) - Здружението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ) од Скопје денеска во паркот Ибни Пајко го одржува седмото издание на целодневниот џез хепенинг под наслов „Today It’s All About Jazz“ по повод 30 април – Меѓународниот ден на џезот.

Претседателот на ЗЏМ, Гоце Стефковски, во изјава за МИА рече дека тие се секогаш фокусирани да бидат претставени што повеќе македонски музички имиња.

- Оваа година ни е седма година како што го реализираме фестивалот „Today It’s All About Jazz“ и малку сме поспремни за разлика од минатите години во контекст на организација и програма. Важно е да се спомне дека како организатори ние сме секој пат фокусирани да бидат претставени што повеќе македонски музички имиња со нови проекти, нормално и со соработки, истакна Стефковски за МИА.

На прашањето како џезот како уметност се одразува на македонската сцена и колку има интерес кај младите музичари да го одберат токму овој музички правец, тој рече дека смета дека има огромен интерес кај младата популација.

- Тоа што е интересно е дека и покрај отворените школи и факултети во Македонија, мислам дека ова е единствен начин каде што оваа музика некако ја приближуваме до публиката, посочи претседателот на ЗЏМ. 

Тој истакна дека поради дождот хепенингот не почна во 13 часот според планираното и дека малку ќе се доцни со почетокот на програмата, но сепак тоа ќе се реализира како што планирале во текот на денот. 

Стефковски информираше дека оваа година покрај работилницата за деца, односно џез за деца и млади, којшто ќе ја води Гордан Спасовски, ќе следуваат и настапот на Никола Бочваров Квартет, па Акварела, Филип Динев со интернационалното трио од Хамбург, ЗЏМ Биг Бенд, Јуре Пукал во мешан состав со американецот Крис Смит и Марко Црнчец, како и Адедџи како гостин од Нигерија. 

Меѓународниот ден на џезот е прогласен во 2011 година од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации со цел „да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот“.

Овој ден се слави секоја година на 30 април, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добра волја на УНЕСКО, Херби Хенкок. Со Денот на џезот претседаваат Хенкок и генералниот директор на УНЕСКО. Прославата е забележана во календарите и на УНЕСКО, и на Обединетите нации.

Здружението на џез музичари, ЗЏМ Скопје, по 7ми пат ја организира централниот настан кој го одбележува Меѓународниот ден на џезот во земјава, за што има и официјална потврда и благодарница од самиот Херби Хенког. сх/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан