• сабота, 23 ноември 2024

Џафери – Пич: Изборите пред Северна Македонија се одредница за евроатлантските перспективи и од регионална важност

Џафери – Пич: Изборите пред Северна Македонија се одредница за евроатлантските перспективи и од регионална важност

Скопје, 17 февруари 2024 (МИА) - Техничкиот премиер Талат Џафери, претпладнево во Минхен се сретнал со сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, со кого заеднички ја нагласиле важноста претстојните избори да бидат фер и демократски како одредница во евроатлантските перспективи на државата.  

Владината прес-служба соопшти дека била поздравена „определбата на Џафери и на Владата да се спроведат избори според највисоки европски стандарди, посебно што пред Северна Македонија се избори што нема само да определат само каква влада ќе добијат граѓаните, туку и натамошниот правец на земјата“.
 
-На средбата се оцени дека јасната ЕУ перспектива е главен двигател на помирувањето и на напредокот на целиот регион, бидејќи интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, освен што е политички, безбедносен и економски интерес на регионот и на Унијата, е и геостратегиска инвестиција во стабилноста на европскиот континент. Беа разменети ставови за актуелните случувања на Западен Балкан, состојбата во Босна и Херцеговина, односите меѓу Србија и Косово, стои во соопштението.

Џафери и Пич се согласиле дека регионот е подложно тло за пласирање на дезинформациски наративи и оти посебно е потребно сериозно и будно справување со обидите за влијание врз изборните процеси со хибридни дезинформациски наративи. 
 
-На средбата, премиерот Џафери ја истакна важноста на засилениот ангажман на Обединетото Кралство во Западен Балкан во промовирањето на регионалната безбедност и потврди дека Северна Македонија продолжува со поставеноста на надворешната политика на линија на политиките на ЕУ и НАТО, придонесувајќи во стабилноста на регионот.  Двајцата соговорници го потврдија долгогодишното пријателство меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство, што се реализира преку поддршката што нашата држава ја добива за клучните прашања во демократскиот развој и во остварувањето на стратешките цели, стои во соопштението.лв/

фото: Влада 

Остани поврзан