• сабота, 23 ноември 2024

Џафери на Европската конференција на претседатели на Парламенти на Советот на Европа во Даблин

Џафери на Европската конференција на претседатели на Парламенти на Советот на Европа во Даблин

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, утре и задутре ќе учествува на Европската конференција на претседатели на Парламенти на Советот на Европа, која што ќе се одржи во Даблин, Република Ирска. Во состав на делегацијата се и пратеникот Никола Мицевски и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Од собраниската прес-служба информираа дека фокусот на Конференцијата е на три теми: Последиците од руската агресорска војна против Украина и улогата на националните парламенти во реконструкцијата на Украина; Предизвиците за претставничката демократија во нестабилни времиња и Еднаквост и различност во јавната застапеност – учество на младите, жените и етничките и социјалните групи како пратеници. Претседателот на Собранието ќе се обрати на темата: „Последиците од руската агресивна војна против Украина и улогата на националните парламенти во обновата на Украина“, а на маргините на Конференцијата ќе оствари билатерални средби со дел од своите хомолози.

Првата конференција на европските говорници се одржа во 1975 година и се одржува секои две години, наизменично во Стразбур и во главниот град на земја-членка на Советот на Европа. На парламентарниот самит под покровителство на Парламентарното собрание на Советот на Европа се очекува да се состанат околу 350 учесници. Пред официјалниот почеток на Конференцијата, претседателките на Парламенти ќе одржат работен појадок, ќе се одржи и дебата на тема „Говорот на омраза и заканите со насилство врз избраните претставници“ како и состанок на генералните секретари на парламентите-учеснички. дма/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан