• понеделник, 16 декември 2024

Џафери и Зеленски во Тирана потпишале заедничка изјава за евроатлантските интеграции на Украина

Џафери и Зеленски во Тирана потпишале заедничка изјава за евроатлантските интеграции на Украина

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на техничката Влада Талат Џафери денеска во рамки на работната посета на Албанија, се сретнал со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. На средбата, соопштија од владината прес - служба, присуствувале и министерот за надворешни работи, Бујар Османи и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски.

Џафери ја истакнал поддршката на Владата и определеноста и посветеноста кон територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународни признаени граници. Притоа, како што стои во соопштението, потенцирал дека на билатерална основа, но и во рамки на НАТО, целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и со приклучувањето кон Декларацијата на земјите од Г7 за безбедносни гаранции за Украина, Северна Македонија од почетокот на руската воена агресија, манифестира континуитет во својата позиција и ќе продолжи сè додека е тоа потребно. 

Техничкиот премиер Џафери нагласил дека чувствува посебна, лична одговорност и обврска, по добиениот Орден на Принцот „Јарослав Мудриот“ од претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук во 2022 година, да продолжи активно да дава личен придонес во зајакнувањето на меѓудржавната соработка и во поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина.  

Зеленски, како што се наведува во соопштението, изразил благодарност до Владата и граѓаните на Северна Македонија за силната и сеопфатна поддршка, пред сѐ политичка и воена на земјата, како и за приемот на украински бегалци. Потенцирал дека Украина посебно цени што Северна Македонија се приклучила кон Бучанската Декларација за повикување на одговорност за најтешките воени злосторства извршени на територијата на Украина.    

Џафери и Зеленски, по средбата потпишале заедничка изјава за евроатлантските интеграции на Украина.

- Во изјавата заеднички се осудени злосторствата од вооружените сили на Руската Федерација врз цивилно население и цивилна инфраструктура на Украина, вклучително и енергетски објекти, училишта, болници и станбени згради, коишто се заштитени со меѓународното хуманитарно право. Нагласена е потребата за итно и целосно повлекување на сите трупи и вооружени формации на Руската Федерација од суверената територија на Украина, во рамките на нејзините меѓународно признаени граници од 1991 година. Посочено е и на важноста од истрага за воените злосторства на територијата на Украина, во согласност со меѓународното право, се појаснува во соопштението од Владата.

Во однос на евроатлантските перспективи, во изјавата, се вели во соопштението, е истакнат значителниот придонес на Украина за безбедноста на евроатлантската област, особено украинските напори да одвратат на неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Руската Федерација. Во таа насока, посебно е нагласен заедничкиот став за потребата од дополнително зајакнување на консолидираниот капацитет на евроатлантската заедница, со цел ефикасно спротивставување на постојните и на потенцијалните глобални предизвици и безбедносни закани.

- Потенцирани се и заедничките напори да се обезбеди натамошен напредок кон имплементацијата на стандардите на ЕУ и НАТО, со цел членство на Украина во Европската Унија и во Северноатлантската алијанса. Потенцирана е и меѓусебната поддршка за време на процесот на пристапните преговори на Украина и Северна Македонија за членство во Европската Унија, соопшти владината прес-служба. цр/бак/

Фото и видео: Влада на РСМ

Остани поврзан