• понеделник, 23 декември 2024

Ќе се реобјави постапката за набавка на домашна пченица преку Агенцијата за стоковни резерви

Ќе се реобјави постапката за набавка на домашна пченица преку Агенцијата за стоковни резерви

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Ќе се реобјави постапката за набавка на пченица преку Агенцијата за стоковни резерви и тоа на количини исклучиво од домашно производство, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Според Трипуновски, постапката за набавка била прекината зашто претходниот менаџерски тим на Агенцијата повторно ги имал ставено критериумите да не биде заштитено домашното производство. 

- Она што беше задолжение на Влада од Агенцијата, да распише постапка за набавка на 15 илјади тони, за жал, се прекина затоа што претходниот менаџерски тим што требаше да ја спроведе постапката повторно ги имаше ставено критериумите да не биде заштитено домашното производство. Затоа сега, во наредниот период, ќе се реобјави таа постапка со критериуми што ќе бидат стриктно за набавка на македонска пченица, објасни министерот, одговорајќи на новинарски прашања.

Тој потсети и дека на минатата владина седница е донесена измена на програмите за да се обезбедат дополнителни средства за производителите на пченица и јачмен.

- Целта е да ги стимулираме и наредната сеидба да биде зголемена по површина за да имаме повеќе квантитет на пченица веќе од наредната реколта. Како Министерство планираме задно со земјоделските здруженија, земјоделците и науката да направиме план на активности што ќе значат сериозна контрола на семенскиот материјал, контрола на препаратите. Овие субвенции што ги обезбедивме треба да бидат дополнителен стимул веќе од нареднава сеидба што доаѓа, за некој период од сега да бидат зголемени површините и Македонија да не биде увозно зависна од пченица зашто изминатиов период од година во година голема површина под пченица се намалуваше, а Македонија мораше да увезува, рече Трипуновски.

Во врска со оризот, повтори дека законите се изменети и дека оваа култура ќе стане стратешка.

- Во наредниот период, Агенцијата за стоковни резерви ќе биде задолжена да направи план, да обезбеди средства за наредната година оваа стратешка култура да се откупува за државни потреби. Тука треба да се дефинираат начинот каде ќе се чува и количината, односно да се направи план целата оваа активност да биде спроведлива од наредниот период. За оваа реколта, од годинава, периодот е прекраток, но од 2025-та ќе стартува како активност, истакна Трипуновски.

На новинарско прашање за „Национални шуми“, министерот повтори дека Владата го затекнала ова јавно претпријатие во катастрофална состојба.

- Тоа значи дека ниту се работело домаќински, ниту се обезбедувало дрвна маса за граѓаните, ниту пак некој од вработените од претходниот менаџерски тим работел согласно законите и процедурите. Новиот менаџерски тим на „Национални шуми“ работи и за внатрешните истраги и за злоупотреби, меѓутоа и сериозно се посвети во наредниот период да биде претпријатие што треба да ја исполни целта за која е формирано, а тоа е обезбедување дрвна маса за граѓаните на нашата држава, подвлече Трипуновски.

Тој се осврна и на авансното субвенционирање, посочувајќи дека ваков тип исплата на поддршката за земјоделците има само во земјава.

- Само во Македонија аванс се исплаќа за тековна година, никаде во светот поимот аванс не подразбира вакво плаќање. Ние како Министерство работиме да ја олесниме бирократијата затоа што со ова авансно плаќање и дополнителни мерки повеќе од девет илјади земјоделци во изминативе години не успеале да ги користат субвенциите. Оваа бирократија го отежнува процесот. Со нашиот план на активности во наредниот период правиме оваа бирократија да ја сведеме на минимум, земјоделците да бидат растеретени од тој момент, а од друга страна се обврзуваме на навремена исплата на субвенциите како стимул за земјоделско производство, рече Трипуновски. мч/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан