• вторник, 24 декември 2024

Ќе се менува Законот за основно образование со цел децата упатени во ВПД да добиваат формално, а не проектно образование како досега

Ќе се менува Законот за основно образование со цел децата упатени во ВПД да добиваат формално, а не проектно образование како досега

Скопје, 21 февруари 2023 (МИА) – Министерството за образование пристапи кон менување на Законот за основно образование со цел да се овозможи континуиран образовен процес за малолетниците, кои издржуваат мерка упатување во Воспитно-поправен дом, но и по завршувањето тие да добијат валидна диплома, која ќе има важност на јавна исправа, а не како досега нивното едуцирање да се сведува на проекти, кои всушност претставуваат неформално образование.  

Предлогот следува по серијата стории на МИА, во кои откривме дека во Воспитно-поправните установи во нашата држава нема образовен процес веќе цела година иако, според закон е задолжителен, како и дека она што испрекинато им се нудеше на децата таму се сведува на проектно обрзование, кое резултираше со добивање потврди за завршен одреден степен на образование, кои немаат важност на јавна исправа.

null

На Единствениот национален електронски регистар на Република Северна Македонија (ЕНЕР) на 10 февруари е објавено известување за почеток на процесот за подготовка на Закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование. Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот е со цел регулирање на воспитно образовниот процес во воспитно-поправните и казнено поправните установи, односно обезбедување континуиран образовен процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено поправните установи, чие образование ќе се заврши со документ за завршено формално основно образование-свидетелство.

Временската рамка за изготвување на предлог-законот е до задутре, 23 февруари, а процесот вклучува барања за писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни, учество во работни групи формирани од страна на Министерството или Владата и состаноци со засегнатите страни.

Штитениците во Воспитно-поправниот дом Тетово лани во декември по речиси двомесечниот прекин повторно добија  образование. Како што претходно објави МИА прекинот настана кон средината на октомври, поради непродолжување на договорите со наставниците од Основното училиште за возрасни „Антон Семјонович – Макаренко“. По реакцијата на Народниот правобранител до Министерството за образование на крајот на ноември минатата година на 13 декември образованието за 15 деца кои издржуваат мерка „Упатување во воспитно-поправен дом“ продолжи.

null

Дисконтинуитетот во образованието за штитениците во ВПД-Тетово, каде се сместуваат машки деца кои дошле во судир со законот, не е новина. Во серијата стории, кои МИА и „Само Прашај“ ги објавија за состојбата во домот констатирано дека штитениците во Волковија имаа прекин во образованието од септември 2021 година, за да процесот продолжи во јуни 2022 година и повторно се соочи со нов прекин. Станува збор за основно образование на повозрасна група деца, кои од различни причини пред да се упатат во домот не успеале да го завршат задолжителното основно образование. Во ВПД-Тетово се упатуваат деца кои се судриле со законот на возраст од 14 до 21 година, поради тоа што и нивното образување мора да се прилагоди на возраста, како и на степенот на подготвеност кој го имаат.

Државниот советник во институцијата Народен правобранител, Васка Бајрамовска,  која го предводеше тимот на институцијата, кој во октомври лани ги посети штитениците во Волковија во интервју за МИА и „Само прашај“ нагласува дека е добро што се прават напори за повторно воспоставување на образованието, но потенцира дека тоа не смее да биде сведено на проекти.

Основното образование за штитениците во Волковија во моментов се спроведува преку проект на Министерството за образование и наука и УНДП, пракса, која се применува изминативе години. Решението е ад-хок, од година за година, процесот е непостојан, а по завршувањето на школската година тие деца не добиваат класични дипломи, туку потврди за завршен одреден степен на образование, кои немаат важност на јавна исправа. За трајно решавање на овој проблем потребни беа законски измени. 

Во сториите на МИА и „Само прашај“ освен проблем со образованието на овие деца кои дошле во судир со законот, беше констатирано и дека девојчињата кои ја издржуваат оваа мерка, за разлика од момчињата, се сместени во несоодветни услови во адаптирана соба во ходник во рамките на КПУ Идризово, наместо да бидат сместени во посебен Воспитно-поправен дом.

На прашање што доколку колку има потреба од упатување други девојчиња во ВПД, Нанев рече дека сè уште нема институција исклучиво за девојчињата, бидејќи, според него, ВПД во Волковија е само

По сториите минатата година Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, донесе одлука за покренување постапка по службена должност заради постоечките индиции на дискриминација во образовниот процес како и за несоодветен третман на девојчињата кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“. Народниот правобранител, исто така, по нашите укажувања, изврши увид во ВП-домот во рамките на КПУ Идризово, каде ги констатираше истите заклучоци и апелираше на итно решавање на проблемот со образованието и условите во ВПД и случајот го внесе во годишниот извештај. Апел за решавање на ситуацијата по нашите написи упатија и Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници.

Случаите беа нотирани и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија. ЕК нотираше дека се потребни законски измени за пронаоѓање долгорочно решение за сместување и ресоцијализација на малолетнички кои дошле во судир со законот и на кои им е одредена мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, со оглед на тоа што во моментов девојчињата, кои треба да ја отслужат оваа мерка, се сместуваат во затворски услови во женското одделение на затворот Идризово, каде немаат соодветна грижа, едукација и ресоцијализација. Комисијата нотираше подобрување на условите за сместување на малолетниците во објектот на Воспитно-поправниот дом во Волковија. Сепак, забележа дека во периодот меѓу септември 2021 и јуни 2022 година тие немале пристап до образование. ар/ац/

фото: МИА архива

 

 

Тагови

Остани поврзан