• недела, 28 јули 2024

Ќе се зголеми опфатот на деца во градинките во Свети Николе и Росоман

Ќе се зголеми опфатот на деца во градинките во Свети Николе и Росоман
Скопје, 19 август 2021 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска потпиша Договори за соработка со градоначалниците на Општина Свети Николе и Општина Росоман, за доградба и изградба на две детски градинки. Овие договори се однесуваат на унапредување, промоција и поддршка на политиките за развој на детската заштита, со цел да придонесат за зголемување на  опфатот на деца во детските градинки. Договорот со општина Росоман се однесува на проширување на постоечката  детска градинка „Праскичка“, со што капацитетот на градинката ќе се зголеми за 30 деца (две групи од по 15 деца). За оваа намена МТСП обезбеди средства во вкупен износ од 12.279.000 денари. Договорот со општина Свети Николе се однесува на изградба и опремување на нова детска градинка во село Ерџелија, „Рахилка Гонева”, која ќе биде со капацитет за згрижување на 60 деца. За изградбата на оваа градинка МТСП обезбеди 31.565.000 денари. - Како Министерство, но и како Влада продолжуваме со политиките за зголемување на капацитетите на детските градинки со цел поголем опфат на деца во нив. Предучилишното образование претставува првиот чекор  со кој што дечињата влегуваат во образовниот системот, почнуваат да ги стекнуваат основните навики, вештини, се дружат, учат и притоа низ целиот процес ги водат стручни компетентни кадри, истакна Шахпаска. Таа нагласи дека од почетокот на мандатот, односно за само 10 месеци, отворени се 15 нови градинки со што капацитето е зголемен за 1.150 деца. Најави дека до крајот на оваа година ќе бидат отворени уште 10 нови детски градинки. - Остануваме посветено да работиме на крајната  цел, зголемувањето на процентот на опфат на деца во предучилишните установи на 60 отсто, односно дополнителни 7.500 деца во градинките до крајот на мандатот, рече Шахпаска. Градинките се очекува да бидат отворени за 14 месеци од моментот на воведување на работа на изведувачот. мс/са/

Остани поврзан