• вторник, 24 декември 2024

Љубовна математика: Бројот 1,09 е значаен за врската

Љубовна математика: Бројот 1,09 е значаен за врската

Сеул, 11 мај 2023 (МИА) - На што внимавате при изборот на партнер или партнерка? Понекогаш не се знае кои се свесните, а кои се несвесните својства коишто нѐ привлекуваат...

За првиот впечаток, тука секогаш се оние физички особини. На некои им се важни бојата на косата и очите, додека други посветуваат посебно внимание на висината. Научниците, со своите истражувања и толкувања, велат дека клуч за среќна врска е и соодветната разлика во висината меѓу мажот и жената. Тоа не значи дека изгледот и наравот на личноста се помалку важни, но луѓето особено внимаваат и на висината на потенцијалниот/-ата партнер/-ка при одлука за почнување врска.

Истражувачите од Универзитетот во Сеул откриле дека висината на партнерот е особено важна за жените. Наводите велат дека тие сметаат оти би биле посреќни ако се во врска со релативно висок маж. Полскиот антрополог Богуслав Павловски, профеор на Универзитетот на Вроцлав, од друга страна, се надоврзува на тоа и вели оти „совршениот размер“ е 1,09.

Со други зборови, според проф. Павловски, за мажот е идеално да биде 1,09 пати повисок од својата партнерка. Тоа значи дека, на пр. жена од 172 см најверојатно би била најсреќна во врска со маж висок 187 см.

Професорот смета дека тоа што жените најчесто претпочитаат високи мажи има врска со еволуцијата. Имено, висината во минатото честопати била симбол на здравје и поголема плодност кај еден маж, па и повисок социјален статус. Меѓутоа, како што советуваат стручњаците, при изборот на партнер/-ка, „слушајте го своето срце, а не математиката“, бидејќи има примери коишто им пркосат на сите закони на логиката и науката.  си/ссм/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан