• среда, 04 декември 2024

Јужнокорејските опозициски партии поднесоа предлог-закон за импичмент на претседателот

Јужнокорејските опозициски партии поднесоа предлог-закон за импичмент на претседателот

Сеул, 4 декември 2024 (МИА) – Шест јужнокорејски опозициски партии поднесоа предлог-закон со кој се бара импичмент на претседателот Јун Сук Јеол, јави новинската агенција Јонхап.

Предлог-законот беше поднесен до Националното собрание, законодавниот дом на земјата, во 14:40 часот по локално време.

Шесте партии, вклучително и главната опозициска Демократска партија, одлучија заеднички да предложат иницијатива за отповикување на Јун по широката реакција низ политичкиот естаблишмент поради неговата краткотрајна уредба за воена состојба.

Предлог-законот се очекува да биде предложен на пленарната седница на Националното собрание в четврток, а гласањето ќе биде закажано за петок или сабота.

Според уставот на Јужна Кореја, импичментот треба да биде предложен од мнозинството во парламентот и одобрен од две третини од сите пратеници.

Предлогот потоа ќе оди до Уставниот суд, еден од највисоките судови во Јужна Кореја, заедно со Врховниот суд. Според Уставот, најмалку шест судии мора да се согласат да се продолжи со импичментот.

Според Уставот на Јужна Кореја, претседателот ќе биде суспендиран од вршењето на својата должност за време на процесот додека не заврши постапката за импичмент. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан