• вторник, 24 декември 2024

Јужна Кореја, САД и Јапонија ја одржаа првата трилатерална воена вежба

Јужна Кореја, САД и Јапонија ја одржаа првата трилатерална воена вежба

Сеул, 22 октомври 2023 (МИА) - Војските на Јужна Кореја, САД и Јапонија денеска ја одржаа својата прва трилатерална воздушна вежба како одговор на севернокорејската нуклеарна закана, соопштија јужнокорејските воздухопловни сили.

Во соопштението се наведува дека одржувањето на денешните вежби во близина на Корејскиот полуостров е имплементација на претходниот договор на трите земји за зголемување на одбранбената соработка и зајакнување на нивните заеднички способности да одговорат на заканите од Северна Кореја.

Во вежбата учествуваа нуклеарни бомбардери Б-52 на американската армија и борбени авиони од армиите на Јужна Кореја и Јапонија.

Јужна Кореја и Јапонија се клучни сојузници на САД во Азија, а таму се стационирани околу 80.000 американски војници.

Трите земји повремено одржуваа трилатерални поморски вежби, но денешните маневри беа првпат тие да спроведат трилатерална вежба на воздухопловните сили.

Зајакнувањето на нуклеарната програма на Северна Кореја го принуди конзервативниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-Јул, да ги игнорира историските спорови со Јапонија и да ја засили трилатералната безбедносна соработка со САД и Јапонија.

Како што наведуваат странските агенции, денешната вежба може да предизвика лут одговор од Северна Кореја, која редовно ги осудува вежбите на САД со Јужна Кореја, нарекувајќи ги проба за инвазија и одговарајќи со нови ракетни тестови. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан