• недела, 15 февруари 2026

Јужна Кореја - прва земја во светот со сеопфатен Закон за употреба на ВИ

Јужна Кореја - прва земја во светот со сеопфатен Закон за употреба на ВИ

Сеул, 23 јануари 2026 (МИА) - Јужна Кореја стана првата земја во светот што донесе сеопфатен Закон за употреба на вештачка интелигенција (ВИ) со којшто се воспоставува правна рамка насочена кон спречување на дезинформации и други ризични последици за корисниците, објави новинската агенција Јонхап.

Јужнокорејското Министерство за наука и технологија соопшти дека главниот фокус на Законот е да им се даде на компаниите што поседуваат ВИ поголема одговорност во спречувањето на распространувањето лажна содржина што ВИ може да ја создаде и којашто значително влијае на секојдневниот живот и безбедноста на луѓето. Законот ѝ дава на Владата моќ да изрекува казни или да покренува истраги за можни прекршувања на прописите.

Во истовреме, законот ги наведува и мерките што владата треба да ги преземе за да ја промовира индустријата за вештачка интелигенција, а министерот за наука е должен да предложи нов план на мерки на секои три години. Министерството, исто така, основаше Служба за поддршка и давање совети. Ова советодавно биро ќе одговара на основните прашања од деловната заедница во рок од три дена, а доколку е потребна подробна правна анализа - во рок од 14 дена.

- Службата за поддршка ќе биде водич што треба да помогне Законот да заживее во тукашната индустрија, објасни вториот заменик-министер за наука, Рју Је-мјунг.

Субјектите што користат ВИ-модели за можни злонамерни или опасни цели, се должни да ги информираат корисниците дека нивните услуги се засноваат на употребата на ВИ и се одговорни за нивната безбедност. Содржината генерирана од ВИ ќе мора да биде обележана со воден печат што јасно ја означува природата на текстот или сликата.

Глобалните компании што нудат ВИ-услуги во Јужна Кореја и имаат приход од над 681 милион долари, што моментно ги вклучува „Гугл“ (Google) и „Опен АИ“ (Open AI), се должни да назначат правен претставник за Јужна Кореја. Помалите компании може да бидат казнети до околу 17.500 евра за секое прекршување на законот.  си/јт/

Фото: МИА архива

Тагови

ѝ

Остани поврзан