• среда, 27 ноември 2024

Јужна Кореја истражува за смртоносната забава за Ноќта на вештерките

Јужна Кореја истражува за смртоносната забава за Ноќта на вештерките
Сеул, 31 октомври 2022 (МИА) - Јужнокорејските истражители денеска почнаа да ги прегледуваат снимките од повеќе од 50 државни и приватни безбедносни камери и социјалните мрежи во потрага по одговори за смртоносната забава на Ноќта на вештерките. Во земјата започна недела на жалост, а бројот на загинати се искачи на 154. Уште 149 лица се повредени, од кои 33 се во тешка состојба. Меѓу загинатите има државјани на најмалку дваесет земји. Јужнокорејскиот премиер Хан Док-Су вети темелна истрага, а властите се фокусирани на реконструкција на синџирот на настани што доведоа до трагедијата и се обидуваат да откријат кој е потенцијално одговорен за турканицата.   Десетици илјади луѓе, многу тинејџери и млади луѓе во дваесеттите години, облечени во костими, ги преполнија тесните улички на популарниот кварт Итаевон во саботата на првата незабранета прослава на Ноќта на вештерките во последните три години. Но, избувна хаос кога луѓето се движеа во особено тесна уличка, иако веќе беше преполна, опишуваат сведоци. паг/

Остани поврзан