• вторник, 24 декември 2024

ЈП „Пазаришта“ Куманово работи со добивка

ЈП „Пазаришта“ Куманово работи со добивка

Куманово, 16 мај 2023 (МИА) - Јавното претпријатие „Пазаришта“ Куманово за првите три месеци од годинава работи со добивка, информираше денеска директорот на претпријатието Гзим Кадриу.

Претпријатието реконструираше и три деловни простории и делумно административната зграда.

- Деловните простории се атрактивни. Веќе разговаравме со градоначалникот за изработка на проект за изградба на современ пазар. Јавноста знае дека пазарот датира од 1957 година и за жал досега нема капитални инвестиции или покрупни вложувања. Се надеваме дека ќе изработиме современ проект со кој ќе понудиме дополнителни содржини и за корисниците и за граѓаните, изјави Кадриу.

Во близина на пазарот веќе се гради современ трговски центар, општината ги реконструираше улиците, се најавува и кружен тек. Надлежните очекуваат поголем фреквенција на луѓе и зголемен број на граѓани.

- Како општина и како коалиција на локално ниво се преземаат мерки и инфраструктурни проекти важни за граѓаните. Очекуваме дека „Пазариште“ ќе биде атрактивно за сите. Пример, паркинг просторот претходно беше мал и недоволен за граѓаните, сега имаме повеќе места, изјави Кадриу.

Менаџерскиот тим е задоволен од интересот на закупците за деловни простории. Издадени се дел од просториите, склучени се договори.

ЈП „Пазаришта“ инвестираше и на сточниот пазар, поставени се нови огради, овозможени се подобри услови за функционирање.

- Задоволство ми е да потенцирам дека после десет години работа со загуба, ЈП „Пазаришта“ во првиот квартал забележа работа со добивка од 830.000 денари. Ова е успешна приказна и сакаме да докажеме дека во државата, не само во претпријатијата, генерално во сите институции може да биде подобро со волја и знаења. Верувам дека сме пример за сите претпријатија, изјави Кадриу.

Тој додаде дека сега за разлика од порано, вработените во претпријатието навреме земаат плата и К-15.

Претпријатието има 750 тезги, искористени се 470. Менаџерскиот тим изработува анализа и план за пазарот да одговори на современите потреби, преку проект за изградба на современ пазар. ам/цр


Фото: МИА, ФБ ЈП „Пазаришта“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан