Јорданов: Со изградбата и приклучувањето на Водоводна линија - 2 го решивме неколкудеценскиот проблем за населбите во високите зони
- Во тек се градежните активности за приклучување на Водоводна линија - 2 на постоечката водоводна мрежа во Општина Штип, со што завршува изградбата на овој капитален проект за населбите во високите зони. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека со приклучувањето на новата главна Водоводна линија - 2 за жителите на населбите Пребег, Железничка и Три Чешми, кои се во највисоката зона на градот, решен е неколкудеценскиот проблем со водоснабдувањето на домаќинствата и компаниите, кои се во овој дел од градот, бидејќи на секое исклучување на вододната мрежа, овие домаќинства први остануваа, а последни добиваа вода за пиење.
Штип, 28 јануари 2025 (МИА) –Во тек се градежните активности за приклучување на Водоводна линија - 2 на постоечката водоводна мрежа во Општина Штип, со што завршува изградбата на овој капитален проект за населбите во високите зони. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека со приклучувањето на новата главна Водоводна линија - 2 за жителите на населбите Пребег, Железничка и Три Чешми, кои се во највисоката зона на градот, решен е неколкудеценскиот проблем со водоснабдувањето на домаќинствата и компаниите, кои се во овој дел од градот, бидејќи на секое исклучување на вододната мрежа, овие домаќинства први остануваа, а последни добиваа вода за пиење.
-Оваа линија ќе служи и како алтернативна главна линија во состојби и ситуации кога имаме дефекти на главната водоводна линија на досегашната мрежа, која се употребува на територија на Општина Штип. Со оваа нова главна Водоводна линија 2, ќе има можност градот, пред се, населбите Пребег, Три Чешми и Железничка, но и целиот потег околу овие населби кога се случуваат промени или дефекти на досегашната водоводна мрежа овие населби да имаат и континуирано водоснабдување, изјави Јорданов.
Тој истакна дека станува збор за инвестиција од околу еден милион евра, кои општината ги доби преку Програмата на ТАВ.
-Она коешто сакам да го најавам е дека паралелно со поврзување на Водоводна линија 2, се работи и на линија ниска зона, којашто исто така е главна водоводна линија, а се работи и на изградба на резервоар Пребег. Деновиве очекувам да се започне со изградба на резервоар Мери, со што исто така ќе се подобри состојбата и ќе се реши проблемот, којшто со години наназад штипјани го имаа со водоснабдувањето, вели Јорданов.
Штипскиот градоначалник Јорданов посочи дека овие капитални проекти и инвестиции во водоснадувањето ги решаваат децениските проблеми со водата за пиење на територија на Штип, за наредните 50 години, а ќе овозможат и иден развој на делови од градот, коишто никогаш досега не биле урбанизирани.
-Генералниот урбанистички план предвидува ширење на градот, урбанизирање на нови населби, коишто ќе добијат можност за урбанизација со изградбата на овие нови водоводни линии и со изградбата на двата нови резевоара, коишто значително ќе го подобрат капацитет, којшто градот го има со вода за пиење. Она што сакам да го споделам на јавноста е дека сите улици коишто ќе бидат реконструирани, претходно ќе бидат со реконструирана примарна водоводна мрежа, изјави Јорданов.
Прашан кога ќе биде ставена во функција Водоводна линија 2 и дали нејзиното ставање во функција зависи од изградбата на резервоарите, Јорданов со одговор дека нејзиното ставање во функција е независно од изградбата на двата резервоара, а по завршување на градежните активности, деновиве и пробно ќе биде пуштена. вдј/вг/
Фото: МИА