• среда, 25 декември 2024

Јелен стравува од „хуманитарна криза“ ако Израел го прекине финансискиот канал на палестинските банки

Јелен стравува од „хуманитарна криза“ ако Израел го прекине финансискиот канал на палестинските банки

Вашингтон, 23 мај 2024 (МИА) - Американскaтa министерка за финансии, Џенет Јелен предупреди денеска за ризикот од „хуманитарна криза“ доколку Израел го прекине клучниот финансиски канал на палестинските банки.

-Посебно сум загрижена од заканите на Израел да преземе акција што ќе доведе до отсекување на палестинските банки од нивните израелски кореспондентни банки, изјави таа на новинарите во Стреса во северна Италија, каде подоцна ќе се отвори состанокот на министрите за финансии на Г7.

Според неа овие банкарски канали се клучни за обработка на трансакции кои овозможуваат увоз од речиси осум милијарди долари годишно од Израел, вклучувајќи струја, вода, гориво и храна, како и олеснување на речиси две милијарди долари годишно извоз од кој зависи палестинската егзистенција.

На прашањето што би можеле да направат САД и Г7 како одговор, Јелен рече дека пред неколку месеци му пишала на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за економската ситуација на окупираниот Западен Брег.

-Верувам дека ќе создаде хуманитарна криза во догледно време ако палестинските банки бидат отсечени од израелската кореспонденција. Секако, ова е став што ќе го искажеме, рече таа. 

Јелен изјави дека тоа прашање може да се дискутира на Г7, додавајќи дека „очекува другите земји да изразат загриженост за влијанието на таквата одлука врз економијата на Западниот Брег“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан