• понеделник, 16 декември 2024

Јелен: Европа треба да ја намали зависноста од руски енергенси без да ги зголеми цените во светот

Јелен: Европа треба да ја намали зависноста од руски енергенси без да ги зголеми цените во светот
Вашингтон, 21 април 2022 година (МИА) - Европската забрана за увоз на руски гас и нафта носи ризик од зголемување на цените на енергенсите во светот, предупреди денеска американската секретарка за финансии Џeнет Јелен и ја повика Европа да ја намали својата зависност без „казнување на целата планета“. - Треба да бидеме внимателни со целосната европска забрана за увоз на нафта, рече министерката Јелен на прес-конференција во Министерството за финансии. - Ако можеме да најдеме начин да го направиме тоа без да ѝ наштетиме на целата планета со зголемување на цените на енергенсите (што произлегува од тоа), тоа би било идеално, тоа е прашањето кога се обидуваме да размислуваме заедно, рече таа. Европските земји се обидуваат да ја намалат зависноста од увезената руска нафта и гас за да ја казнат Русија за инвазијата на Украина. Но, тоа јасно ќе ги зголеми светските цени на нафтата и тешко ќе ја погоди Европа и другите делови од светот, предупреди Јелен. Сепак, таа потврди дека продажбата на нафта и гас е важен извор на приход за Русија и дека би било многу корисно да се најде начин да се намалат руските приходи, што е целта. - Во случајот со нафтата и природниот гас, ситуацијата во Европа е јасно поинаква од онаа во САД. Ние го забранивме увозот на сите видови руски енергенси, но ние увезуваме многу малку од Русија. Тоа не е случај со Европа, рече Јелен, оценувајќи дека е јасно дека Европа на среден рок треба да ја намали енергетската зависност од Русија. Во 2021 година, Москва обезбеди 30 отсто од нафтата и 15 отсто од нафтените продукти купени од ЕУ. На 8 април ЕУ одлучи да го прекине купувањето јаглен од Русија, ембарго кое стапува во сила на почетокот на август, 120 дена по објавувањето на новиот пакет санкции во официјалниот весник на Унијата. ссм/

Остани поврзан