• петок, 05 декември 2025

Јаќимоски: Отворивме Центар за административни службеници во Аеродром, целта е администрација во служба на граѓаните

Јаќимоски: Отворивме Центар за административни службеници во Аеродром, целта е администрација во служба на граѓаните

Скопје, 24 јули 2025 (МИА) - Отворивме Центар за обуки на административни службеници во Аеродром, преку работа и проекти до ефикасна администрација во служба на граѓаните. Ова го истакна на денешната трибина во Кичево на тема „Образование и социјална политика, ги градиме темелите на промените“ членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ и заменик министер за јавна администрација, Лазе Јаќимоски.

Тој посочи дека макотрпно се работи на закони и проекти со цел функционална, квалитетна и ефикасна администрација во служба на граѓаните.

- Во минатото многу малку се правело во јавната администрација, од тие причини, јавната администрација треба да биде двигател во системот затоа што тука се околу 1.400 институции што зависат или треба да соработуваат. За да биде една администрација функционална, квалитетна, ефикасна и предвидлива таа не смее да биде изолирана структура туку треба да биде во сервис на граѓаните на бизнис заедницата. А, за да биде таква мора да поседува квалитет, брзина во услугите и предвидливост, истакна Јаќимовски.

Иако станува збор за ново Министерство, како што рече, „со упорност, со работа и поддршка од Владата целосно успеавме да навлеземе во процесите и паралелно со тоа да ги донесеме реформските закони“.

- Иако на самиот почеток наследивме девастирани уништени институции, моравме да се справуваме и со тие предизвици. Воведовме реформи во администрацијата кои се во насока на поквалитетна и побрза администрација. Тука се 1.400 институции, плановите за вработување, систематизациите, тука се функционалните анализи без кои институциите не можат нормално да функционираат, нагласи Јаќимовски.

Според него и покрај сите предизвици во администрацијата се работи на многу проекти, меѓу кои и Центарот за обуки на административните службеници во Аеродром.

- Пред две седмици промовиравме еден унапреден, апдејтиран систем за управување со човечки ресурси. Денеска го отворивме центарот за обуки во општина Аеродром и тоа е во насока да се подобрат услугите на граѓаните. Со новиот закон, таму е предвидено да се формира една академија којашто ќе ги опфати сите институции и таму ќе можат да се обучуваат сите административни службеници и оние идни млади луѓе кои ќе конкурираат за работни места во јавната администрација. Планирани се два или три такви регионални центри и еден главен центар, овој денеска беше регионален центар во Аеродром, целосно реновиран со најсовремена опрема, истакна Јаќимовски. дма/паг/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан