• понеделник, 23 декември 2024

Јапонскиот премиер го распушти Долниот дом на Парламентот

Јапонскиот премиер го распушти Долниот дом на Парламентот

Токио, 9 октомври 2024 (МИА) - Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денеска го распушти долниот дом на Парламентот за да се одржат предвремени парламентарни избори на 27 октомври.

Ишиба ја презеде функцијата пред само осум дена. Владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) е вмешана во скандал со готовина. Партијата на Ишиба, заедно со нејзиниот помал коалициски партнер, партијата Комито, имаат мнозинство во Претставничкиот дом од 465 членови.

Кабинетот на Ишиба го одобри планот за распуштање и ќе го финализира распоредот за почеток на изборната кампања на 15 октомври. Јапонскиот премиер денеска ќе одржи прес-конференција.

-Одлучив да го распуштам домот за да побарам директна оценка од јавноста бидејќи е исклучително важно да продолжиме да ја водиме владата во име на заштита на Јапонија и нејзиниот народ, рече Ишиба за време на парламентарните дебати со лидерите на опозицијата.

Поранешниот јапонски премиер Јошихико Нода, кој сега ја предводи главната опозициска Уставна демократска партија (КДП), го критикуваше Ишиба за обидот да го одвлече вниманието на гласачите од прашањето за „тајните пари“, осврнувајќи се на откритијата дека членовите на ЛДП не успеале правилно да ги пријават политичките фондови.

Претходно премиерот рече дека ќе им даде доволно време на опозициските лидери да му поставуваат прашања во Парламентот. КДП бара Владата да подготви дополнителен буџет за тековната фискална година до март следната година за да ги поддржи напорите за реконструкција во областите погодени од земјотресот и обилните дождови во централна Јапонија.

Претходните парламентарни избори се одржаа во 2021 година - веднаш откако Фумио Кишида стана премиер. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан