• понеделник, 23 декември 2024

Јанчев: Кавадарци има најмала стапка на невработеност

Јанчев: Кавадарци има најмала стапка на невработеност

Кавадарци, 1 ноември 2024 (МИА) -  Кавадарци има најмала стапка на невработеност, многу инвестиции и проекти. Ова го нагласи денеска градоначалникот Митко Јанчев, давајќи отчет за сработеното во изминатите три години од вториот мандат. Тој се осврна на сите реализирани проекти во општината. Градоначалникот подвлече дека особено е горд на проектот за бесплатниот оброк за секое дете од прво до петто одделение. Тоа, како што додаде,  придонело многу кон социјалната еднаквост, за сите деца да бидат рамноправни, но и олеснување на семејниот буџет. 

- Многу е важно да се напомене дека до сега се реализирани 97 проценти од предизборната програма, но и голем број на проекти кои се со дополнителна реализација и кои не беа дел од таа предизборна програма, но се реализираа како резултат на мојата упорност, желба, но и потребата и барањата на самите жители. Затоа во овој отчет за три години градоначалник, има и посебен дел што ги содржи токму овие дополнителни проекти надвор од предизборната програма. Проекти на кои сум особено горд затоа што произлегоа од нас, од мене, од моите соработници во општината и секако по барања на жителите на општина Кавадарци, истакна градоначалникот. 

Јанчев додаде дека во изминатите години биле асфалтирани голем број на улици во целата општина. Само во периодот од ноември минатата година досега, целосно биле асфалтирани над 25 улици. Тој се осврна и на други реализирани проекти од различни сфери на општинското живеење. Водоснабдување, предучилишно и училишно воспитување и образование, комунална инфраструктура, спорт, превоз, осветлување и друго

Градоначалникот говореше за неколку капитални проекти, меѓу кои изградба на скијачки центар во Михајлово, затворен пливачки базен, дневен центар за лица со телесна или ментална попреченост, интервентен центар за привремено згрижување на лица со социјален ризик, доградба на кејот на реката Луда Мара, реконструкција на интернатот за средношколци, изградба на регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство.

Јанчев упати благодарност до Советот на Општина Кавадарци, вработените во Локалната самоуправа, јавните претпријатија, до општествено одговорните компании. свд/дма/


Фото: МИА 

 

Остани поврзан