• вторник, 24 декември 2024

Јанушев: ЈО да отвори истрага за грантовите од ФИТР на Дрин Ахмети

Јанушев: ЈО да отвори истрага за грантовите од ФИТР на Дрин Ахмети

Скопје, 8 февруари 2024 

Државните пари како грантови или државна помош наместо кај граѓаните и фирмите низ фер постапка, завршуваат кај фирмите на семејствата на врвот на власта.

5 милиони, од вкупно 6-те милиони денари државни пари за грантови од ФИТР завршиле кај две фирми на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, познатиот талентиран бизнисмен кој ја презема Соравиа без вложен денар.

Тор индустрис, фирма во целосна сопственост на Дрин Ахмети, добила околу 32.000 евра за проектот насловен како „3D modeling and scanning of infrastructure design“, а втората негова фирма Еверест ЏД добива 50.000 евра за проектот „Data management Efficiency System“. Вкупно 82.000 евра од ФИТР управуван од кадарот на ДУИ – Фестим Халили, за внукот на неговиот партиски шеф, Дрин Ахмети.

Ако за двата проекти се доделени 5 милиони денари, а вкупно биле предвидени 6, нејасно е дали воопшто некоја друга компанија добила пари од ФИТР за проекти по овој јавен конкурс.

За ова, ВМРО-ДПМНЕ говори веќе подолг период наназад, и први во јавноста отворивме случај како семејството Ахмети се богати на грбот на народот. Оттука, ја поздравуваме одлуката на ДКСК да отвори предмет за Дрин Ахмети.

Апелираме до владата итно да го разреши директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили, како и сите членови на Управниот одбор и Комитетот за одобрување на инвестиции.

Воедно, го повикуваме ЈО да отвори постапка по однос на Дрин Ахмети и добивањето пари од ФИТР, особено ако се земе во предвид фактот што го констатира и ДКСК, а тоа е промената на роковите за проектот и неизвршениот надзор за сработеното, а предвидено во проектот.

Поразително е што ова однесување е пракса на ФИТР и уште еден показател зошто немаме држава, уште еден показател за тоа дека никогаш не било полошо и зошто е важно да ги поразиме!

 

Интегрален текст од прес - конференција за медиуми на Игор Јанушев, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ 
 
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан