• понеделник, 23 декември 2024

Ќе биде затворен секој универзитет кој работел спротивно на законот, најавува министерката Јанева

Ќе биде затворен секој универзитет кој работел спротивно на законот, најавува министерката Јанева

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Многу скоро ќе направиме ревизија на легалното работење на бројни универзитети. Тие што работат спротивно на Законот нема да можат да постојат и понатаму, додека тие што работат легално и продуцираат квалитетен кадар да не се плашат и понатаму ќе можат да работат, посочи министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Јаневска е на ставот дека треба да се направи модернизација на студиските програми.

– Но, она што е горлив проблем во државата се премногу факултети, премногу универзитети и премногу студиски програми со многу малку студенти, додаде Јаневска во интервју за МРТВ.

Говорејќи за проблемот со изградбата на објектот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Јаневска напомена дека претходната власт, иако имала изградена зграда, не вложила ништо за нејзината финализација, ниту пак вложила да го заштити објектот од пропаѓање.

– На состанокот со деканот на ФИНКИ размислувавме за неколку можни решенија и можам да кажам дека процедурите се во тек. Се водат разговори и преговори со други институции, каде што привремено би можеле да бидат сместени студентите од ФИНКИ. Струката е многу барана, истакна Јаневска.

Таа напомена дека треба да се размислува на тоа дека вештачката интелигенција полека ќе го заземе својот простор, како на ФИНКИ така и на други факултети, при што посочи дека во најскоро време ќе се реализира анализа на пазарот на трудот, по што и најверојатно ќе следи и редукција на квотите на одредени факултети.

Јаневска во гостувањето рече дека учениците од средните стручни училишта ќе полагаат посебна матура, додека за учениците од гимназиско образование останува државната матура, што ќе биде задолжителна и за оние кои ќе сакаат од стручно образование да преминат во несоодветно високо образование.

Концепцијата за основно образование ќе се ревидира во широка јавна расправа, затоа што, како што посочи Јаневска, незадоволството од неа е големо, како кај родителите и наставниците, така и кај стручната фела.

-Владата, на барање на Министерството, донесе одлука за одложување на имплементација на Концепцијата за 7., 8. и 9. одделение. Многу брзо ќе има јавна расправа, да видиме каде и што треба да измениме. Ќе бидат вклучени бројни институции и бројни стручњаци, секако и наставниците и родителите. Ќе се одвојат предметите што беа споени со Концепцијата, ќе се додадат и нови, но сè од Концепцијата што наставниците и стручната фела рекле дека е добро или ќе речат дека е добро, ќе остане во наставните програми и планови, рече Јаневска.

Таа додаде дека ревидираната и надградена концепција ќе обезбеди континуитет, без да има празнини во образованието на децата.бт/дма/

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан