• сабота, 23 ноември 2024

Јаневска: Со нов закон ќе се зајакнат критериумите за напредување во наставно–научните звања на универзитетите

Јаневска: Со нов закон ќе се зајакнат критериумите за напредување во наставно–научните звања на универзитетите

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) - Условите за напредување во наставно – научни звања на македонските универзитети ќе се зајакнат со новиот Закон со високо образование кој е во фаза на изработка, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска во емисијата Анализа на ТВ 24.

Таа посочи дека од наставниот кадар повторно ќе се бара да објавува трудови во списанија со импакт-фактор, а тоа пак, вели Јаневска, е еден од критериумите кои се вреднуваат при рангирањето на универзитетите на Шангајската листа.

- Откако по шарената револуција се промени Владата, беше донесен закон кој драстично ги намали критериумите за напредување во наставно–научните звања и веднаш се почувствува и намалување на интензитетот на научно–истражувачката работа. Се намали бројот на трудови кои се објавуваа во списанија со импакт-фактор и меѓу другото, и тоа придонесе за пад на УКИМ и другите универзитети на Шангајската ранг-листа, рече Јаневска, посочувајќи дека е во честа комуникација и има поддршка од универзитетските раководства да се зајакнат критериумите за напредување во звања.

Таа информираше дека средствата за образование и наука етапно ќе се зголемуваат, а тоа ќе значи и поголема поддршка за организирање и учество на меѓународни научни конференции, за изработка на научни проекти и друго.

Министерката упати апел до универзитетите да бидат проактивни во наоѓањето на партнерски образовни установи за изработка на проекти и искористување на бенефитите кои ги нуди мрежата на европски универзитети. ир/нд

 

Фото: МОН

Остани поврзан