Јавниот обвинител Ненад Савески ја презеде должноста
- Новоименуваниот јавен обвинител Ненад Савески, денеска, веднаш по свечената заклетва во Собранието, ја презеде функцијата државен јавен обвинител, соопштуваат од ЈОРСМ.
Скопје, 19 март 2026 (МИА) - Новоименуваниот јавен обвинител Ненад Савески, денеска, веднаш по свечената заклетва во Собранието, ја презеде функцијата државен јавен обвинител - соопштуваат од ЈОРСМ.
Како што е наведено, тој одржал работна средба за примопредавање на функцијата со досегашната вршителка на должноста, јавната обвинителка Анита Тополова-Исајловска.

- Исто така, на првиот работен ден на функцијата јавниот обвинител на РСМ, Савески, се сретна со јавните обвинители и со јавнообвинителските службеници во републичкото обвинителство, со кои разговараше за плановите и приоритетите во однос на функционирањето на јавнообвинителската организација - стои во соопштението од ЈОРСМ.
Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска даде свечена изјава во Собранието, а пред медиумите рече дека неговата работа ќе биде во согласност со Уставот, законите, ратификуваните меѓународни документи и меѓународните стандарди. Савески се заблагодари за поддршката и за коректните ставови во однос на професионалните аспекти.
Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.
Во согласност со Законот за Јавното обвинителство, член 63, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор.
Савески, кој досега беше судија во Основниот кривичен суд - Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Во постапката за избор, покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавните обвинители добија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки - казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник. ар/паг/
Фото:ЈОРСМ