• сабота, 21 декември 2024

Јавниот обвинител Бубевски на состанок посветен на справувањето со хибридните закани

Јавниот обвинител Бубевски на состанок посветен на справувањето со хибридните закани

Скопје, 24 април 2023 (МИА) - Граѓаните очекуваат од институциите да им ја гарантираат безбедноста, да ги заштитат, но и соодветно да ги санкционираат сите оние кои се обидуваат таа безбедност да ја загрозат, порача денеска основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство, Гаврил Бубевски.

Како што информираат од Јавното обвинителство тој на денешната во Сесија на Работната група – 4 „Правда, слобода и безбедност” во рамки на Национална Конвенција на Европската Унија во Република Северна Македонија, посветена на справувањето со хибридните закани, посочил дека одговорот кон хибридните закани мора да биде координиран и повеќедимензионален и мора да ги користи и најдобрите практики од понапредните земји во справувањето со ваквите предизвици.

На сесијата биле споменати континуираните хибридни закани во форма на лажни дојави за бомби.

-Она што сакам да го појаснам тука е дека не станува збор за никакво минимизирање на заканите што се предизвикани со ваквите лажни дојави или за релативизирање на потенцијалната безбедносна закана. Едноставно, доказите во секој од овие предмети поединечно не упатуваа дека сторителите биле дел од некоја организирана терористичка група која имала за цел дестабилизација на институциите или загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност или страв кај граѓаните. Во суштина, идентификуваните сторители очигледно го искористиле моментот на хибридните закани, но не биле дел од тој организиран напад со кој се соочивме како држава, истакнал Бубевски.

Бубевски додал дека би било премногу поедноставено доколку во хибридните закани се категоризирани единствено дојавите за бомби со кои се соочуваме во последниот период или доколку ваквите закани ги подведеме само во неколку кривични дела.

-Она што е можеби најспецифично обележје на хибридните закани е нивниот потенцијал постојано и брзо да ја менуваат формата и средствата за остварување, со што стануваат дополнителен предизвик за нас како институции соодветно да ги превенираме и санкционираме, посочил обинителот. свс/нд/

Остани поврзан