• вторник, 24 декември 2024

Јавна дебата: Јавноста се уште не е доволно запознаена со терминот укажувач и улогата на укажувачите во заштитата на јавниот интерес

Јавна дебата: Јавноста се уште не е доволно запознаена со терминот укажувач и улогата на укажувачите во заштитата на јавниот интерес

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Извештаите кои се однесуваат на примената на Законот за укажувачи покажуваат дека постои поделеност во јавноста во врска со ставовите за прифатливост на пријавување на внатрешни информации и за незаконито постапување. Јавноста се уште не е доволно запознаена со терминот укажувач и улогата на укажувачите во заштитата на јавниот интерес. Постои недоследност во примената на одредбите од Законот за заштита на укажувачи во делот на должностите на раководните лица во субјектите. Имено, институциите не се доволно посветени на исполнување на своите обврски предвидени со Законот и подзаконските акти кои произлегуваат од него.

Ова се резултатите од анализите на примената на Законот за укажувачи кои беа презентирани денеска од државниот секретар на Министерството за правда Мухамед Точи на отварањето на јавната дебата за Нацрт-законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи организирана од Министерството за правда. Кон подготовката на новиот закон кој е под нов наслов „Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи“ е пристапено во јуни, лани, а треба да се овозможи транспонирање на ЕУ Директивата 2019/1937 и надминување на идентификуваните недостатоци во постојниот Закон за заштита на укажувачи во делот на дополнително разјаснување на заштитните мерки, одговорноста во случаи на одмазда и товар на докажување.

-Зголемената доверба на јавноста во работатта на Државната комисија за спречување на корупција придонесе да се зголеми интересот на граѓаните за заштитено пријавување. До ДКСК до 2022 година биле доставени 44 пријави од укажувачи. Фактот дека во првата половина од 2022 година до ДКСК само четири други институции известиле дека овластените лица во тие институции примиле вкупно 17 пријави, а во втората половина од 2022 година пет институции примиле само седум пријави од укажувачи говори дека недостига посветеност за промоција на заштитеното пријавување и извештајност за примени пријави од укажувачи и постапување по пријавите, особено од страна на институции до кои се врши заштитеното надворешно пријавување.

Поради тоа апелираме на широко прифаќање, охрабрување и почитување на заштитеното пријавување, заштитата на пријавувачите како и прифаќање на должностите кои произлегуваат од прописите од областа оти тие се значително помал админ и фин товар кој би произлегол од одговорноста поради непреземање мерки за елиминирање, односно регистрирање на правните ризици , рече Точи.

Членот на ДКСК Софка Пејовска Дојчиновска која претседавала со работната група за изработка на новиот Нацрт-закон, истакна дека постојниот закон кој беше донесен 2015 година, а почна да се применува 2016-та, ги задоволувал основните параметри, но заради условите тој не заживеал бидејќи до 2019 година, вели ништо не се случувало и немало ниту една пријава. Придвижување на работите има од 2019-та и работата на постојниот состав на ДКСК и поддршката од НВО-секторот во насока на подигање на јавната свест и прифаќање на вистинскиот дух на законот.

-Изготвувањето на оваа верзија на Нацрт законот е во рокот, законот е веќе на ЕНЕР, има интерес за него, и нашата институција ќе си даде забелешки по него, очекувам придонес од јавната распарава и се надевам дека законот нема да заглави во лавиринтите на Собранието, рече Пејовска Дојчиновска.

Во Нацрт текстот на законот, меѓу другото се предвидува надзор на спроведувањето да го има Министерството за правда, а активности за промоција на системот на заштитено пријавување спроведува ДКСК во соработка со Омбудсманот, ЈОРМ, МВР, МП, МИОА и Академијата за судии и јавни обвинители. Антикорупциската комисија треба да спроведува обуки и да работи на подигнување на јавната и институционалната свест за заштитеното пријавување, укажувањето и улогата на укажувачите во заштита на јавниот интерес. Таа дава насоки за примена на законот на барање на субјекти. ДКСК треба да изработи и Акциски план за споведување на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси. вг/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан