• понеделник, 23 декември 2024

Јавна благодарност од УКЛО до пратениците за донесениот Закон за основање Медицински факултет во Битола

Јавна благодарност од УКЛО до пратениците за донесениот Закон за основање Медицински факултет во Битола

Битола, 29 март 2024 (МИА) - Ректорот Игор Неделковски и раководството на УКЛО-Битола, односно проректорите и претседателот на Универзитетскиот сенат искажаа јавна благодарност до Собранието на Република Северна Македонија и сите релевантни чинители што помогнаа да се донесе Закон за основање Медицински факултет во состав на Универзитетот во Битола.

Медицински факултет во рамки на УКЛО се основа во духот на концептот за  едукација на медицински стручњаци на стручни и академски додипломски, постдипломски студии, специјализации и субспецијализации и докторски студии како и применувачка дејност од научните полиња на медицината, информираа од УКЛО Битола.

Факултетот е правен наследник на Високата медицинска школа – Битола и ќе има четири отсеци за Општа медицина, Стоматологија, Фармација и Висока медицинска школа која продолжува да работи во рамки на новоформираниот факултет и со што ќе се овозможи континуитет и академско образование на стручен медицински кадар, медицински сестри, лаборанти и други професии.

Менаџментот на УКЛО истакнува подготвеност откако Владата ќе формира Матична комисија за основање на факултетот, законот да се операционализира, и во соработка со научно-стручната фела од областа на медицинските науки да се стави во функција новиот Медицински факултет во Битола, нагласија од УКЛО. мт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан