• вторник, 24 декември 2024

Јавен повик за поправка и санација на покриви и лифтови во Центар

Јавен повик за поправка и санација на покриви и лифтови во Центар
Скопје, 5 јули 2021 (МИА) - Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојните покривни конструкции и лифтови во станбените згради на подрачјето на општината, во согласност со Програмата за комунални дејности за 2021 година. Како што соопштија општинските власти, право на учество имаат сопствениците на заеднички делови на колективните станбени згради што се управувани од управител на станбени згради или од заедница на сопственици на територијата на Општина Центар. -Јавниот повик се однесува на финансиска поддршка за поправка на технички неисправни лифтови, како и модернизација и подобрување на безбедноста на постојните лифтови. Финансиската поддршка за реконструкција на покривите и на покривните покривачи е насочена кон замена на постојни азбестни салонитни покривачи со еколошки и реконструкција на рамните проодни и непроодни тераси во согласност со условите и критериумите за учество, информираат од Општината. Оттаму посочуваат дека проектот е поддржан со финансиски средства од буџетот на Општина Центар, во висина од 30 отсто од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000 денари за реконструкција на постојните покривни конструкции и 30 отсто од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000 денари за поправка и санација на лифтови. -Сопствениците на посебни делови, преку кредитирање или во готово, треба да ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 отсто од вкупниот износ од вредноста за реконструкција на постојните покривни конструкции и поправка и санација на лифтовите, дополнуваат од општината. Заинтересираните кандидати треба да ги достават потребните документи во Архивата на Општина Центар, секој работен ден од 9 до 15 часот, во периодот од денеска до 23 јули. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот прв дојден-прв услужен. Како што појансуваат од општината, за повеќе информации за условите и критериумите граѓаните може да се информираат на општинската веб-страница „www.centar.gov.mk“.бт/лв/  

Остани поврзан