• вторник, 31 март 2026

Ѓорѓиевски: Сите резиденти на Аеродром ќе може да паркираат на сите зони во општината, без надоместок

Ѓорѓиевски: Сите резиденти на Аеродром ќе може да паркираат на сите зони во општината, без надоместок

Скопје, 30 март 2026 (МИА) -  За цела општина Аеродром останува да важи старото правило, според кое секој резидент (физички и правни лица) може да се паркира на сите зони на територијата на општината, без да плаќа надоместок, како што беше најавено, од 1 април.

- Ова е директен одговор на барањата и реакциите на граѓаните и доказ дека нивниот глас не само што се слуша туку и се почитува. Нашиот народ е секогаш во право - објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на „Фејсбук“. 

Тој соопшти дека на директорот на ЈП „Градски паркинг“ му е дадена насока, во Реонскиот центар во Аеродром, каде што се воведува зоната D12, да остане да важи старото правило.

- Секој резидент - физички и правни лица, ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината, без да плаќа надоместок, како што беше најавено претходно. И ова правило останува да важи за цел Аеродром. Паралелно, во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање во Ново Лисиче. Веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација по што ќе следува и поставување информативни табли. Со ова ќе се обезбедат вкупно 2.719 паркинг-места, кои ќе бидат конкретно решение за реалниот проблем - наведува скопскиот градоначалник. 

Ѓорѓиевски посочува и дека се унапредува дигитализацијата, така што од 1 април 2026 граѓаните ќе може електронски да поднесуваат барања за дозволи преку платформата moj.parking.mk за сите паркиралишта под надлежност на „Градски паркинг“ - зонско паркирање, паркиралиштата со рампа и катните гаражи.

- Дополнително, овозможено е и онлајн-плаќање на месечни и годишни дозволи, со што процесот станува побрз, поедноставен и достапен за сите - соопшти Ѓорѓиевски. хс/са/ 

Фото: ФБ Орце Ѓорѓиевски 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан