• понеделник, 23 декември 2024

Ѓорѓиевски: Понудата и побарувачката конечно треба да ги одредуваат цените

Ѓорѓиевски: Понудата и побарувачката конечно треба да ги одредуваат цените

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) -  Претседателот на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, денеска на новинарско прашање дали ќе има зголемувањето на цената  на лебот посочи дека цената на струјата е еден импут кој учествува во финалниот производ и  оти најголем импут за кој треба да се разговара се човечките ресурси. 

-Ако електричната енергија за бизнисот се покачува нормално тоа е поголем инпут и тогаш секоја компанија ќе си направи пресметки дали треба да ги зголеми или не, рече Ѓорѓиевски, на новинарско прашање по трибината во организација на ССК „Научени лекции од проектот Greenovet, употреба на вештачка интелигенција во создавањето на зелени вештини за иднината“.

Работите, посочи Ѓорѓиевски, мора да ги гледаме реално. Секоја компанија  врз основа на сопствените внатрешни анализи треба да утврди кои цени ќе ги има на пазарот, а понудата и побарувачката тоа финално треба да го завршат бидејќи тоа е европски начин, логичен, разумен и рационален пристап.

Пазарот, понудата и побарувачката, конечно треба да ги одредуваат цените. Не сме во советско-социјалистичко време каде некој ќе одлучи и ќе преземе некои чекори на товар на приватните прави субјекти. Лошите економски политики што ги водеше минатата влада за која сме сведоци катастрофално се одразија врз бизнисите во насока на тоа дека две години ковид немаше скоро никаква помош, финансиска криза, потоа енергетска криза каде  голем  дел од компаните моравме да купуваме  струја 600, 700, 800 евра по мегават час  и за што немавме помош од државата, за разлика од компаниите во соседството кои имаа гарантирана цена од 80 евра за мегават час, придонесе компаниите да се во мошене сложена и тешка состојба, рече Ѓорѓиевски, повторувајќи дека замрзнувањето на цените беше погрешна мерка која, како што рече, удри само на грбот на бизнисите.

Коментирајќи ги изјавите на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во однос на влијанието на новата цена на струјата врз цената на лебот, Ѓорѓиевски рече дека Бислимоски е претседател на РКЕ и не е поврзан со агросекторот и прехранбената индустрија.

Претседателот на ССК Трајан Ангелески, пак, порача дека треба да се променат критериумите за префрлање на малите потрошувачи на слободниот пазар на енергија.  Времето на  социјализмот, посочи, е завршено и на малите компании треба да им се овозможи да имаат пристап кон слободниот пазар. За да се префрлите на слободниот пазар има критериуми и е скоро невозможно за мал потрошувач. Државата треба да го ослободи овој дел и да ги обучи малите компании како да пристапат и да се сменат критериумите. 

- Во однос на енергијата и сите дискусии во јавноста дали големите компании треба да се снабдуваат од слободниот пазар, да, големите компании се снабдуваат  од слободниот пазар, меѓутоа, што мислите малите пекарници дали се снабдуваат од слободниот пазар или пицеристе и останатите пекарски мали производни субјекти кои немаат услови да имаат промет над два милиона евра и над 50 вработени. Со едно вакво теденциозно поставување на работите сметаме дека пошироката јавност се доведува во заблуда дека некој не сака да испорачува евтини производи. Ние сметаме дека на пазарот за енергија, дефинитивно, времето на социјализмот, како и на социјалистичлките пристапи на економијата е завршен. Треба да се навикнеме дека живееме во реален свет и на малите компании треба да им се овозможи да имаат пристап кон слободниот пазар, да можат да ги користат привилегиите одредени денови кога е ниска цената на електрична енергија да ја плаќаат по таква ниска цена, а за време на викендот во сабота и во недела цената на електрична енергија некогаш е во минус а некогаш е нула. Значи, дефинитивно мора да се реформира, рече Ангелески.

Според него, охрабруваат изјавите од мандатарот и потенцијалните министри дека ќе работат во овој правец, но, како што рече, сметаме дека и останатите институции како  Регулаторната комисија за енергетика и останатите тела кои ја третираат оваа проблематика ќе се фокусираат во иден модерен пристап. 

Ангелески оцени и дека царинските стапки на суровините во прехранбената индустрија имаат многу негативно влијание и затоа, како што рече, многу често доаѓаме во ситуација да конзумираме прехранбени производи со повисоки цени за разлика од нашите соседи кои се во ЕУ.

- Прехранбената инсустрија континуирано тоа го објаснува и сметаме дека треба да се реформира царинската тарифа и целиот систем и да се овозможи прехранбената индустрија која работи во реален свет и се конкурира со останатите соседни компании и економии, да имаат еднаков пристап кон цената на суровините и увозот на суровините, рече Ангелевски. лв/aa/

фото:принт скрин 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан