• вторник, 24 декември 2024

Ѓорѓиевски: Обезбедивме 60-тина наслови на Брајово писмо за децата со оштетен вид

Ѓорѓиевски: Обезбедивме 60-тина наслови на Брајово писмо за децата со оштетен вид

Скопје, 4 јануари 2024 (МИА) - Општина Кисела Вода  со два нови наслови   ја опремува  библиотеката на училиштето за слепи лица ДУРМДОВ „Димитар Влахов“ од Скопје. Обезбедени  се повеќетомните изданија „Алиса во земјата на чудата“ и „Петар Пан“, напишани на Брајово писмо, кои ќе бидат доставени по завршување на зимскиот распуст. 

Како што информира Општина Кисела Вода, донацијата е на Светскиот ден на Брајовата азбука кој одбележува 200 години. Традицијата ја почна градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски на почетокот на својот мандат, а продолжува и оваа година. Досега во библиотеката во ова училиште се донирани 60 -тина вакви наслови.

Градоначалникот Ѓорѓиевски информира дека книгите  напишани со Брајово писмо се изработуваат на посебна хартија, со специјални печатачи, што ги прави исклучително скапи и тешко достапни за родителите на слепите ученици.

-Достапноста на литература за нив значи подобар образовен пат и остварување на правото за еднакви можности со сите останати граѓани. Годинава се одлучивме да им ги донираме повеќетомните изданија „Алиса во земјата на чудата“ и „Петар Пан“, светски популарни книги, со што им овозможуваме исто литературно доживување како и со останатите лица кои не се соочени со предизвиците од оштетен вид,појасни Ѓорѓиевски.

Најави дека Општина Кисела Вода и тој како нејзин градоначалник, како иницијатор на овој и многу други слични проекти, и понатаму продолжуваат  да инвестираат  во основните потреби за лицата со оштетен вид и други попречености.

Тој појаснува дека тоа го прават и ќе го прават  преку обезбедување услови за нивно активно вклучување во сите сфери на општеството и подигнување на свесноста кај сите останати институции за поддршката на различноста и инклузивноста. ад/мд/

Фото: Општина Кисела Вода 

 

Остани поврзан