• вторник, 24 декември 2024

Ѓорѓиевски најави меѓународен конкурс за Расадник, поликлиника и ревитализација на патиштата во Кисела Вода

Ѓорѓиевски најави меѓународен конкурс за Расадник, поликлиника и ревитализација на патиштата во Кисела Вода
Скопје, 3 октомври 2021 (МИА) - Модерна и урбана општина, тоа е мојата визија за Кисела Вода. Имаме јасни и прецизни проекти како спој меѓу граѓаните и експертската јасвност, со точно дефинирани временски интервали на реализација, рече вечерва кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. На вечерашниот митинг, Ѓорѓиевски вети поликлиника, ревитализација на сите патишта и решавање на сообраќајниот хаос, иако „најжешка тема“ моментно, како што посочи, е Расадник. -Време е за промени, време е за нова иднина во Кисела Вода. Имаме нефункционална општина, нечисти населби, неасфалтирани и улици со кал во 21 век, бетонизација на секое парче зеленило, имаме куп проблеми. Но, јас сум тука да понудам решенија. Јавно, јасно и гласно, ветувам и се обврзувам, дека за Расадник ќе биде распишан меѓународен конкурс, каде што вие граѓаните ќе ги постават условите како да се развива, а фирми од цела Европа ќе можат да конкурираат за идејно решение. Расадник ќе биде населба на можности и зеленило, а не населба со 100 згради како што планираат во СДСМ, рече Ѓеорѓиевски. Тој најави и дека за четири години ќе изгради помеѓу 2700 и 3200 нови паркинг места. Ѓеорѓиевски рече дека во неговиот план за општината предвидува отворање нови работни места, квалитетно образование и изградба на објекти, меѓу кои и спортски сали. -Во Кисела Вода има сериозна бројка од неколку илјади невработени или луѓе кои работат за ниски примања на црно. Затоа, со однапред направени проценки, ќе се отворат две нови технолошко развојни зони, зона Драчево и зона Чупријан кои треба да вработат неколку илјади наши сограѓани од Кисела Вода. Моето и вашите деца мораат да имаат квалитетен образовен процес. Во моментов, над 400 деца чекаат на ред да се запишат во градинките. Тоа ќе стане минато. Во првата година од мандатот оваа бројка преку зголемување на капацитетите на постојните градинки ќе ја преполовиме, додека во наредните две години преку изградба на две нови градинки едната во село Драчево и во урбаниот дел на Кисела Вода и овој проблем ќе го оставиме зад нас, кажа Ѓеорѓиевски. Во делот на спортот се обвра на нови три спортско-рекреативни центри, во „Расадник“ и „Дупки“ во Драчево и Спортскиот комплекс во Пржино, најави комплетно реновирање на три игралишта за голем фудбал, повеќенаменски игралишта во секоја месна и урбана заедница. Ја спомна повторно и болницата за наркозависници во Кисела Вода. Укажувајќи дека е потребен рамномерен развој на сите населби, Ѓеорѓиевски рече дека со најавените проекти сака да го смени животот на граѓаните и од нив побара поддршка. мч/дма/

Остани поврзан