Ѓорѓиевски: Го одбранивме Расадник од алчноста на урбанистичката мафија
- Тука од каде што започна сѐ - дома, во мојата Кисела Вода и мојот народ. Јас немам зборови за да ви ја искажам мојата благодарност, едноставно се поклонувам пред вас мои сограѓани. Се поклонувам за тоа што бевте моја поддршка, мој столб во овие четири години. Вие сте причината поради која Кисела Вода денес е една од најубавите општини во Македонија.Вие, и мојот тим!, напиша кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на неговот фејсбук-профил, пренесувајќи го интегрално неговиот говор од митингот во Кисела Вода.
Скопје, 9 октомври 2025 (МИА) - Тука од каде што започна сѐ - дома, во мојата Кисела Вода и мојот народ. Јас немам зборови за да ви ја искажам мојата благодарност, едноставно се поклонувам пред вас мои сограѓани. Се поклонувам за тоа што бевте моја поддршка, мој столб во овие четири години. Вие сте причината поради која Кисела Вода денес е една од најубавите општини во Македонија.Вие, и мојот тим!, напиша кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на неговот фејсбук-профил, пренесувајќи го интегрално неговиот говор од митингот во Кисела Вода.
- Каква чест, каква одговорност и каква неизмерна гордост е да се стои вечерва овде, пред вас. Пред луѓето кои ми ја дадоа довербата, пред луѓето со кои заедно ги биевме битките и заедно ги славевме победите! Вечерва не сум само кандидат пред вас, вечерва сум дома, меѓу своето семејство, меѓу моите комшии и пријатели! Сакам од дното на душата да ви се заблагодарам за секој ден поддршка, за секој стисок на рака, за секој совет, за секоја критика, и најмногу, за вербата што ми ја дававте во изминативе години! Вие бевте мојот мотив, мојот компас и мојата најголема сила! Погледнете ја оваа сила, ова единство!
Ова е силата што ја менува реалноста!, пишува Ѓорѓиевски.
Тој ги праша своите сограѓани дали се сеќаваат каде била Кисела Вода пред само неколку години.
-Заборавена, заглавена во кал и прашина, со улици како кратери по кои кршевме автомобили, со недостаток на стотици места во градинките, со апатија и со чувство дека ништо не може да се смени.Велеа, таква е судбината. Но, ние не се помиривме со тоа! Ние не веруваме во судбина, ние веруваме во работа!
Заедно си ветивме дека ќе работиме и заедно, рамо до рамо, испорачавме конкретна работа и резултати! Покажавме со дела, а не со празни зборови, како се сака и како се гради својата општина!, вели Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека, зад соработниците, зад него во Кисела Вода има кредибилитет, има доказ за чесност, за посветеност, за работа.
- Кисела Вода конечно е добриот пример во Скопје. Такa ќе биде и во иднина, нагласи Ѓорѓиевски.
-Заедно асфалтиравме над 70 километри нови улици! Заборавивме што е кал во многу населби, од Пинтија до Црниче, од Драчево до 11 Октомври! Изградивме 5 нови, модерни градинки и проширивме 5 од постоечките, и листите за чекање од над 400 ги сведуваме на нула. Создадовме над 80.000 квадратни метри нови паркови и зелени површини, затоа што здравјето на нашите семејства е најважно! Изградивме спортски сали, теретани, детски катчиња, фекална и атмосферска канализација, водоводни мрежи, вели тој.
Тој потсети дека по 100 години започнато е со градење на ново ОУ „Св.Климент Охридски“ во Драчево, а останатите училишта ги прошируваат, ги дигитализирале и сите имаат фотоволтаици за произведување на струја.
Реализираните проекти ги има во неговиот отчет.
-Но, сакам да нагласам дека најважно од сè, го одбранивме срцето на нашата општина. Го одбранивме Расадник од алчноста на урбанистичката мафија и со меѓународен конкурс покажавме како се планира иднината со стручност, со разум и со слух за граѓаните! Од општина заглавена во долгови и кредити, направивме финансиски стабилна општина која денес инвестира во народот! Тоа, пријатели мои, не се празни бројки! Тоа е нашиот заеднички успех! Тоа е нашиот печат!
Тоа е доказ! Доказ дека кога се работи чесно, посветено и од срце, резултатите се тука, видливи за сите! И токму тој доказ, таа наша заедничка победа, е причината зошто стојам денес пред вас. Затоа што моделот на работа, енергија и чесност од Кисела Вода, мора да го пренесеме на целото Скопје!, истакна Ѓорѓиевски.
- Она што го направивме овде, во нашето маало, можеме и мораме да го направиме за целиот наш град! Скопје заслужува да биде водено со љубов, со план и со визија! Немојте да мислите дека со ова завршува нашата работа за Кисела Вода. Напротив, сега почнуваме уште посилно! Од позиција на градоначалник на Скопје, со поддршка од централната власт, ќе донесеме уште поголеми и уште позначајни проекти за нашата општина! Конечно ќе го завршиме проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ сè до Драчево! Ставаме крај на гужвите и тесните грла еднаш засекогаш! Ќе го решиме и деценискиот проблем со Усјанскиот канал, со негова целосна реконструкција и покривање! Нема повеќе ризици по здравјето и поплавени домови! Ќе ги поврземе населбите и ќе го олесниме движењето со пробивање на улицата „Есенинова“. Ќе изградиме нова модерна катна гаража на Есенинова за да го решиме проблемот со паркирањето!
И најважното, нашиот завет кон вас: во Расадник, ќе ја изградиме најголемата Градска шума - мега парк во урбаниот дел на Скопје! Ќе создадеме нови бели дробови за целиот град, токму овде, во срцето на нашата Кисела Вода!
Ова, пријатели, е нашата визија. Визија за поврзано, зелено и модерно Скопје, вели Ѓорѓиевски.
- Град со функционален сообраќај, каде ќе ги завршиме сите заглавени проекти како клучката Момин Поток и ќе изградиме нови артерии како булеварите „Хрватска“, „Цветан Димов“ и подземната сообраќајница кај „Лимак“.
Град со чист воздух, каде ќе воведеме целосен План за чист воздух, а депонијата Дрисла ќе ја претвориме од еколошка бомба во современ европски центар за третман на отпад. Град со ред и поредок, каде јавните претпријатија ќе бидат реформирани за да му служат на народот, а не на партиските интереси.
Ќе воведеме комунален ред за да го вратиме сјајот на нашите улици.
Град кој се грижи за својата култура, каде конечно ќе ја вратиме во живот Универзалната сала и киното Милениум, вети Ѓорѓиевски.
Почитувани мои,
Оваа битка е поголема од една општина и еден мандат.
Ова е битка за иднината на Скопје, битка за враќање на надежта и достоинството на сите скопјани.
Затоа, како што бевме заедно во сите досегашни битки, како што стоевме рамо до рамо и кога беше најтешко, ве повикувам да бидеме сплотени и сега!
Да ја заокружиме нашата заедничка приказна со уште една, голема и историска победа!
Да покажеме на цела Македонија како се сака својот дом, својот град и својата татковина!
Да живее Кисела Вода!
Да живее ВМРО-ДПМНЕ!
Да живее нашата горда и вечна Македонија!