• вторник, 19 ноември 2024

Ѓорѓевска за МИА: Трчањето ми донесе нова димензија во животот

Ѓорѓевска за МИА: Трчањето ми донесе нова димензија во животот

Скопје, 30 јуни 2024 (МИА) – Маја Ѓорѓевска е првата Македонка што ја доби титулата Six star finisher, впечатливо постигнување во светот на маратонското трчање кое го добиваат оние кои ќе ги истрчаат шесте најголеми светски маратони во Њујорк, Чикаго, Токио, Берлин, Бостон и Лондон. Тркачите можат да ги завршат овие маратони во кој било редослед и со свое темпо. Крајната цел е да се заработи шестѕвезден медал.

Во МИА интервју Ѓорѓевска ни открива дека трчањето ѝ донело нова димензија во животот. Со неа разговаравмеме за искуствата од маратоните, процесот на подготовка и нејзините идни планови.

Предизвикот си го задала во 2022 година, како цел да стане првата македонска што ќе ги истрча шесте светски маратони и успеала да го заврши подвигот за помалку од две години.

- Пред две години во 2022 година си поставив голема цел за себе. Тоа ми беше мотив и предизвик секој ден да сум првата жена, односно првата Македонка која што го направила тоа да ги истрча сите шест светски маратони Њујорк, Чикаго, Токио, Берлин, Бостон и Лондон. Во 2022 во септември го истрчав првиот маратон Берлин, потоа следеше Њујорк истата година. Во 2023 ги истрчав Токио и Чикаго и оваа година Бостон и Лондон, што значи дека помалку од две години ми требаше да го направам сето ова, вели таа, во интервјуто што е спроведено во рамки на проектот „Зајакнување на девојки преку спорт“ на „Спорт Соушал Солушн“, поддржан од Францускиот културен центар и Амбасадата на Франција во земјава.

Нејзината најмала временска дистанца од еден маратон до друг, изнесува шест дена, на два различни континенти.

- Најголем предизвик беше да се истрчаат двата маратони оваа година. За шест дена имав голем предизвик за себе да го истрчам Бостон на 15 април и по шест дена на различни кониненти, со временска разлика, да го истрчам Лондон. Навистина е огромен напор кој што го издржав. Едноставно, кога човек сака нешто е подготвен да издржи сè. 

Во меѓувреме, Ѓорѓевска е активна и на домашен терен. Таа е редовен учесник на трките „Трчај бе“, „Халк ЕКО“ и „Колор ран“.

- Можам да речам дека сум доста активна. Еве, дури и по враќањето од Лондон не можев да ја понудам понудата од организаторот на „Поетри ран“, Маријан Тортуров, ме покани како гостин, а воедно и како тркач, па ете, успеавме да се закитиме со прво место екипно на пет километри, иако јас ревијално учествував, тимот повеќе се посвети и го направивме тоа заеднички. Така што, да учествувам на како на пример на „Трчај бе“, „Халк ЕКО“ и „Колор ран“, на сите домашни трки. Но, секако зависи од мојот тренажен процес па одбирам на која трка ќе се појавам во текот на годината, образложува Ѓорѓевска.

Нејзиниот тренажен процес се состои од различен тип на тренинзи кои ги прави во текот на неделата и се со различна километража.

- Ако се подготвувам за маратон можеби тоа често знае да биде и над 100 километри неделно. Кога сум во процес на подготвување на маратон, секоја трка која што е добредојдена да го тестирам моето темпо, дали е тоа на 21 километар, го правам тоа. Сите други трки ги оставам за понатака, вели маратонката.

Во однос на условите и инфрастуктурата кај нас, за луѓето што професионално се занимаваат со трчање, вели дека треба да се подобрат. 

- Дури и јас како посветен рекреативец моите тренинзи ги правам токму во парков и на кеј и можам да заклучам дека и покрај моето учество на светски маратони, моите подготовки ги правам на кеј и сметам дека треба да се подобрат условите за нас тркачите, бидејќи ние, освен овој тартан немаме патека за трчање конкретно за нас. Тоа се патеки кои што ги користат велосипедистите, пешаците, исто така, си поминуваат на тие траки, така што, ние доста поминуваме низ тој предизвик со такви услови сепак да можеме да настапиме на светски маратони. Односно, иако ги немаме истите услови за подготовка, сепак сум среќна што можев да учествувам на такви светски маратони и да бидам со тркачи од целиот свет, вели таа.

Дополнува дека предизвикот бил скап, а сонот и финансиските средства, според неа, не одат секогаш заедно. Но, вели дека е среќна што зад неа застанале сериозни фирми како НЛБ Банка АД Скопје.

- Доколку има човек сон и тежнее тоа да го оствари, не секогаш финансиските средства и сонот одат заедно. Затоа, ако е сон значи нешто што во тој момент е невозможно да се оствари. Јас сум многу благодарна што овој пат зад мене застанаа сериозни фирми НЛБ Банка АД Скопје покри дел од трошоците за Бостон, Лондон, како и за Њујорк. Другите три маратони ги покрив од сопствени средства. Исто така, тука да ги споменам и Еурофарм аптеки, Маркетинг агенцијата „Creative House“ и Спорт Лаб. Би сакала да ја најавам и соработката, една сериозна болница застанува зад мене за сè што следи, а тоа е соработка со Аџибадем Систина која што ќе се грижи отсега понатака за моето здравје и за поголеми успешни резултати. Тоа е навистина голем ветер во грб за мене, вели Ѓорѓевска.

Споделува дека не почувствувала родова нерамноправноста на маратоните од кои била дел, и дополнува дека жените сè повеќе ги има во сите спортови.

- На овие светски маратони нормално си има квалификации кои што се различни како за жените така и за мажите и не се почувствував дека сум различна во однос на другите земји во светот. Од 2013 кога го истрчав мојот прв маратон и кога бевме седум жени целосно во Балканот, сега можам да кажам дека жените ги има во сè поголем број во сите спортови, па и во трчањето. 

Во меѓувреме, таа работи во НЛБ Банка АД Скопје, а кога не е на работа и не се подготвува за маратон времето го посветува на своите најблиски.

- Си ја работам работата која што ја сакам. После работно време, кога не тренирам, иако тоа е само во денови кога одмарам, сакам исто така да прочитам добра книга, да се дружам со пријатели, да посветам време на моето семејство, на моите најдраги и сите што ги сакам, вели таа.

Трчањето на Маја Ѓорѓевска ѝ донело нова димензија во животот, и направило таа да стане подобра верзија од себе. Нејзината препорака е сите што можат, да се занимаваат со физичка активност.

- Трчањето за мене навистина донесе нова димензија во животот. Јас едноставно си го подобрив животов, односно, сето тоа придонесе да сум подобра верзија на себе и искрено препорачувам сите да почнат да се занимаваат со која било физичка активност – дали тоа ќе биде трчање, возење велосипед, пешачење, нешто што сакаат да го прават за себе, да се упорни и да не се откажат. 

Маратонката во моментов е во процес на опоравување од подвигот, но, најави дека размислува за нови предизвици со успешни резултати и достигнувања. 

Ангела Рајчевска

Остани поврзан