• вторник, 24 декември 2024

Ѓоргиевска: Со заеднички труд да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди

Ѓоргиевска: Со заеднички труд да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди
Скопје, 18 мај 2022 (МИА) - Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на панел дискусијата по повод 17 мај - Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, што беше организирана од страна на ЕУ Делегацијата и Американската амбaсада, а се одржа во ЕУ резиденцијата во Скопје, соопштија од кабинетот на претседателот. Во своето обраќање, Ѓоргиевска посочи дека е потребно да зборуваме за чувствителните теми за да имаме реална слика за предизвиците на нашето заедничко општество. Таа истакна дека сите сме различни по разни основи, но сите живееме во еден заеднички дом – којшто сите имаме обврска да го градиме како отворено и демократско општество. - Потребно е сите заеднички да работиме на унапредување на правата на секоја заедница, а особено кога станува збор за ранливите заедници. Еднаквоста во уживањето на основните права, пристапот до правдата, социјалната и здравствената заштита, еднаквите можности при образование и вработување се потребни, за да овозможиме секој член на нашата заедница, без разлика на сексуалната ориентација и родовиот идентитет да има предвидлива и стабилна иднина, порача сопругата на претседателот. Ѓоргиевска рече дека развивањето на отворено и демократско општество е долгорочен процес и дека работите не се менуваат преку ноќ, но посочи дека со заеднички труд ќе успееме да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди во кое ранливите сограѓани ќе бидат заштитени. На настанот обраќања имаа и Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, Кејт Мери Брнс, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, Кире Василев, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и други активисти.сх/лв/

Остани поврзан