• петок, 08 ноември 2024

Шукова: Треба да бидеме многу внимателни кога даваме концесии во земјоделските делови од државата

Шукова: Треба да бидеме многу внимателни кога даваме концесии во земјоделските делови од државата

Скопје, 24 септември 2023 (МИА) -  Мојот став во врска со експлоатирањето руди и минерални суровини е познат, меѓутоа мислам дека и нашите закони се такви, а и јавната свест е подигната и кај граѓаните и кај министерството, дека треба да бидеме многу внимателни кога даваме концесии, вели министерката за животна средина Каја Шукова во врска со стратегијата за минерални суровини на Министерството за економија, за која граѓански организации и експерти оценуваат дека се планира масовно давање концесии за користење минерални суровини и експортирање на минералните суровини во земјите на ЕУ.

Во Неделното интервју за Радио Слободна Европа, Шукова посочува дека МЖСПП ќе биде вклучено во процесот на креирање на стратегијата, со оглед дека има допирна точка со животната средина, ќе ја добие нацрт-верзијата кога ќе биде готова и дека, согласно закон, на стратегијата мора да се направи стратешка оценка на влијание.

-Случајот со Иловица од скоро ви е познат, познат е мојот став, а и ставот на граѓаните. Јас сум за тоа дека треба да одлучиме како држава, во регионите и деловите од државата каде што е развиено земјоделското производство и каде што сакаме да развиваме дополнително, бидејќи сме една од земјите лидери на користење на ИПАРД-средствата, таму треба да размислуваме сериозно дали треба да имаме нови концесии за минерални суровини или на руда. А во деловите на државата каде што немаме развиено земјоделско производство, таму зошто да не. Тоа е секако економска гранка којашто носи бенефит и од економски и од социјален аспект на државата. Меѓутоа, животната средина мора да ни биде приоритет, не треба да познава политика и треба сите сериозно да се занимаваме со неа, истакнува министерката.

Во врска со случајот што го отвори Енергетската заедница која утврди дека државава ја прекршува Директивата за ОВЖС (Оценка за влијанието врз животна средина) со нејзино несоодветно спроведување, односно дека не прави доволна проценка за ризиците од проектите со потенцијално голема штети, како ископи на песок, хидроелектрани, автопати, рудници, експлоатација на минерални суровини, Шукова посочува дека е подигнато нивото во Правилникот во кој јасно е дефинирано за која големина на проект треба да се работи елеборат, а за која се работи студија.

За покапиталните проекти, вели таа, исклучително мора да се прави студија, за која се вклучуваат многу експерти и многу инволвирани страни, а за прекугранично влијание, се консултираат и соседните земји.

-Меѓутоа се одобруваат стотици концесии врз база на елаборати, а не врз основа на студии за Оценка за влијание врз животната средина, а тие имаат енормна штета врз животната средина. На пример, одобрени се над 90 елаборати за мали хидроцентрали, од кои минимум 30 се во заштитени подрачја, со огромна штета врз биодиверзитетот. Тоа е политика која што се спроведуваше пред 10-15 години. Ставот на оваа Влада јас после неколкуте мали хидро коишто беа во заштитени подрачја, особено кога се прогласуваше Шар Планина, секако и во Националниот парк Маврово, се повеќе се размислува и мислам дека ќе биде политика на оваа Влада, особено на партијата која јас ја застапувам, СДСМ, дека веќе нема да ги поддржуваме малите хидроелектрани и мислам дека веќе е време да се стави крај на тоа, особено на оние каде што има проблем со водниот биланс, додава Шукова во интервјуто.

Во однос на подготвениот Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и реакцијата на граѓанските организации дека тој се носи врз основа на набрзина подготвена студија за валоризација и без доволно вклучени експерти, министерката одговара дека изработката на студијата за валоризација е согласно законот и биле вклучени сите инволвирани страни, и во изработката на студијата, и во изработката на законот.

-Вклучително сега, и во јавната расправа што ја имаме за самиот закон, пред да го пуштиме на Влада и пред да оди на Собраните. Сите коментари коишто ги имаат невладините организации се добредојдени, ќе ги прибереме и ќе дискутираме заедно со нив, меѓутоа прво интерно, во Министерството, да видиме во кој опсег се коментарите што ги имаат. Меѓутоа не се согласуваме дека не е направена студијата за валоризација согласно закон и дека е декларативно направена, наведува министерката за животна средина во интервјуто за Радио Слободна Европа. хс/мд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан