• вторник, 24 декември 2024

Штип почна постапка за добивање на право на сопственост на Домот за стари лица

Штип почна постапка за добивање на право на сопственост на Домот за стари лица

Штип, 23 ноември 2024 (МИА) - Општина Штип почна постапка за добивање на право на сопственост за Домот за стари лица, кој е изграден до фаза на карабина. Изградбата на објектот почна пред десет години, но поради незапазување на процедурите беше прогласен како дивоградба, а градежните активности се запрени.

Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова изјави дека документите се доставени до Владата и се чека одговорот од институциите, со што како што вели, треба да бидат решени имотно-правните прашања околу објектот.

 -Со оглед на тоа што, во периодот кога почнал да се гради Домот за стари лица во Штип, не постоела планска документација, а во меѓувреме е изготвена и одговара на изгледот, на габаритот на објектот, се надеваме дека со тоа ја откочивме постапката и ќе може да продолжи понатаму со градба, вели Шорова-Ангелова.

Во изградбата на Домот за стари лица инвестираше Здружението на пензионери од Штип, кој треба да е на површина од околу 3.000 метри квадратни. Во 2014 година, Општина Штип на Здружението на пензионери му го предаде некогашниот воен ресторан „Вардар“, кој е лоциран  веднаш до касарната „Јане Сандански“, а претходно општината просторот го доби од Министерството за одбрана. Тогаш Здружението го сруши ресторанот и  ја вложи целата своја заштеда во висина од 600.000евра.

Шорова-Ангелова посочува дека откако ќе завршат постапките, ќе треба да се направат нови пресметки за целосна изградба на Домот за стари лица.

 - Се уште немаме направено такви пресметки. Располагаме со проектот со кој е аплицирано во системот за добивање на одобрение за градба, меѓутоа доколку има потреба од ревизија на истиот, се разбира дека ќе биде направена, изјави Шорова-Ангелова.

Домот за стари лица во Штип треба да биде со капацитет за 120 лица, а во источниот регион, само во Берово има ваква институција, во која се згрижуваат старите лица. вдј/бак/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан