• среда, 25 декември 2024

Штипски „Исар“ ги таргетира мини депониите низ населбите

Штипски „Исар“ ги таргетира мини депониите низ населбите
Штип, 24 јануари 2022 (МИА) - Ниските температури ги стопираа еко акциите на штипското комунално претпријатие „Исар“. Директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков вели дека во моментов се утврдуваат локациите, каде што граѓаните повторно создале мини депонии. За нивно чистење нема да се чека пролетта, туку барем малку да се зголемат температурите. -Кога малку ќе се покачат температурите и ќе немаме минусни температури, ќе продолжиме. Тогаш ќе може нашата механизација да работи. Не на пролет, туку за 10 – 15 дена ние повторно ќе продолжиме. Во моментов ги таргетираме мини депониите, а во консултација сме и со комуналните инспектори при Општина Штип. Ќе продолжиме со еколошките акции, а и граѓаните ќе бидат повикани да даваат свои идеи и предлози за тоа каде треба да исчистиме, посочи Здравков. Во моментов се работи на поставување на табли на местата над Мирјанина црква во Штип, а како што најави Здравков ќе се постават патролни служби кои ќе внимаваат да не се создаваат повторно депонии кои се чистат и по неколку пати. Во  ЈП „Исар“, викендов немаат ниту една пријава за замрзнување на водомери од страна на граѓаните, а исто така немало ниту пријава и за дефект на водоводната мрежа. Здравков на граѓаните им порача да продолжат  со заштита на водомерите за да нема дополнителни штети кај граѓаните, додавајќи дека цевките на претпријатието се добро заштитени. - Значи, граѓаните си ја имаат завршено својата работа, ги обезбедиле своите водомери, така што се надевам дека во овој период со минусни температури ќе имаме сѐ помалку пријави за такви дефекти. Сепак, и доколку се случат, ние сме подготвени и ќе реагираме. Водоводните цевки на ЈП „Исар“ се на пропишана длабочина, каде што ниските температури не можат многу да влијаат. Ние во наредниот период имаме предвидено кај застарените водоводни линии да извршиме замена, така што и новите цевки ќе бидат од материјал врз кој ниските зимски температури нема да предизвикаат проблеми и нема да има можност за нивно пукање, посочи  Здравков. вдј/вј/

Остани поврзан