• среда, 25 декември 2024

Штипските такси превозници од новиот локален совет ќе бараат повисоки цени на такси превозот

Штипските такси превозници од новиот локален совет ќе бараат повисоки цени на такси превозот

Штип, 23 октомври 2021 (МИА) - Здруженијата на такси компании од Штип и од источниот регион од новите Совети на општините ќе бараат зголемување на цените на такси превозот. 

Глигор Арсов, претставник на Здружение на такси возачи – Штип, вели дека барањето им е подготвено, се чека само формирањето на новите локални совети.

Според штипските таксисти, стартната цена од 50 денари треба да се зголеми на 70, бидејќи возат со загуба, а се зголемува и цената на горивото. Арсов вели дека ако пред четири години во Штип имало 300, сега има 150 такси возачи. Причина за намалување на такси возилата низ улиците е пандемијата, како и неисплатливоста да се занимаваат со овој бизнис.

Арсов посочува дека новите законски одредби за смена на регистерските таблички кои се веќе во сила, односно, секое такси возило мора да има жолта регистерска табличка, им оди во прилог на поголема професионализација на такси превозот и јасни правила во овој бизнис.

- Новите жолти регистерски таблички, како и доколку се прифати и ограничувањето на староста на возилата, а во моментов се возат и возила од деведестеттите години ќе придонесат за поголема професионализација, но, и за поквалитетни услуги кон патниците. Нема да има диви такси превозници, а ќе имаме осигурани возила, како и патници, вели Арсов.

Такси возачите регистерските таблички треба да ги заменат во рок од една година, односно кога ќе го регистрираат своето возило. вдј/ар/

Остани поврзан