• среда, 25 декември 2024

Штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ наредната недела одбележува два јубилеи

Штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ наредната недела одбележува два јубилеи

Штип, 16 декември 2023 (МИА) - „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“, но и „Сто години театарска дејност во Штип“ се значајни јубилеи, кои наредната недела ќе се одбележат со низа настани во Центарот за култура „Ацо Шопов“, најави денеска директорот Горан Трајков. Тој на прес-конференција истакна дека овие две манифестации ќе се реализираат во среда и четврток.

- Она што е важно за централната манифестација е дека во четврток имаме изложба на слики по поезијата на Ацо Шопов од страна на децата и учениците на ликовното атеље, кои учествуваат и нивните дела ќе бидат изложени. Потоа следува еднодневен Саем на книгата во чест на Ацо Шопов. Вечерта во 19 часот се случува главниот настан на којшто ќе бидат доделени благодарници на сите оние кои помагаат во одржување на името на Ацо Шопов, рече Трајков.

За првпат ќе биде доделен и орден „Ацо Шопов“ кој ќе го добие академик Витомир Митевски.

Манифестацијата ќе продолжи со настанот „Младите пеат за Ацо Шопов“ на кој ќе се пејат текстови на Шопов.

Настаните за манифестацијата „Сто години од театарско дејствување во Штип“, се закажани во среда.

- Го претставуваме летописот „Сто години организирано театарско дејствување“, потоа ќе имаме изложба на костими, потоа имаме дебата, обраќање. Со изложбата на костимите ќе бидат поставени и плакати, рече Трајков.

Тој на денешната прес-конференција најави дека во понеделник ќе има два настани, едниот е одбележување на Влашката култура во 12 часот, а вториот е прослава за турската азбука во 19 часот. вдј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан