• среда, 25 декември 2024

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ одбележува 17 години од основањето

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ одбележува 17 години од основањето

Штип, 27 март 2024(МИА) - Квалитетна настава и инвестирање во научно-истражувачките работа за студентите и наставниците се приоритетите на Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип за наредната година, истакна денеска ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски на одбележувањето 17 години од формирањето на оваа висока образовна институција.

- Фокусот ни е на подобрување на научно-истражувачката инфраструктура и на научната продукција за вработените и за студентите. Имаме повеќе канали за поддршка на студентите и на кадарот, какошто се индивидуално финансиска поддршка, потоа подобри услови за работи на факултетите, подобро поврзување со други Универзитети. УГД има над 400 договори и работиме со европски Универзитети, вели Мираковски.

По повод одбележување на 17 годишниот јубилеј на Универзитетот „Гоце Делчев“ денеска беа доделени награди и признанија на најдобрите студенти. Сузана Мицева според постигнатиот просек е најдобар студент на Филолошкиот факултет од катедрата за македонски јазик за изминатата година. Мицева истакна дека наградата е потврда дека Универзитетот „Гоце Делчев“ го препознава трудот и ги почитува поединците кои се истакнуваат од своите колеги.

- Но, и една порака дека државата понатаму ќе мора да ги мапира тие потенцијали и да вложува во нив затоа што и се потребни на заедницата и на Македонија. Спомнав дека доаѓам од катедрата за македонски јазик, онаму каде што учиме дека јазикот е најживиот дел од нашиот идентитет, каде што се потсетуваме дека за да пиеме од устата на јазикот ќе мора и изворите да ги чуваме чисти, да го почитуваме, изучуваме, вели Мицева.

На свечената акдемија по повод 17 години постоење на УГД-Штип, присуствуваа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, пратеници во македонското Собрание, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, како и ректори и делегации од Универзитетите од земјава и странство.

Министерот за транспорт и врски Бочварски истакна дека Универзитетот „Гоце Делчев“ се гради и развива како вистинска образовна институција, во која се едуцираат кадри кои ја гарантираат иднината на државата.

- Од тој аспект сакам да истакнам дека во изминатиот период, кога бев градоначалник, а сега и министер во Владата сум имал одлична соработка со двајцата ректори кои го водеа Универзитетот во овој период и морам да истакнам дека нивните заслуги се огромни во изминатиот период, изјави Бочварски.

Студентите од Факултетот за медицински науки денеска имаа и акции за мерење на шеќер во крвта, како и на крвниот притисок на неколку пунктови во Штип. вдј/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан