• четврток, 26 декември 2024

Штипска Офталмологија доби нов современ апарат за дијагностика

Штипска Офталмологија доби нов современ апарат за дијагностика

Штип, 26 септември 2023 (МИА) - Набавен е нов апарат за Одделението за очни болести во штипската Клиничка болница истакна на денешната прес-конференција директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев. Посочи дека лекарите и медицинскиот персонал на очното одделение досега немале ОСТ апарат, а со него значително ќе забрза дијагнозата на одредени очни болести.

-Апаратот чини околу 42.000 евра или 2.600.000 денари и со ова квалитетот на здравствени услуги коишто ги нудевме досега на одделот за очни болести ќе го кренеме на едно повисоко ниво, ќе се прошири опсегот на работа на овој оддел, вели Ѓеорѓијев.

Најави дека следно што ќе се направи за овој оддел е во октомври една лекарка биде испратена на специјализација, бидејќи во моментов на оваа одделение има само двајца лекари специјалисти по офталмологија, кои секојдневно даваат здравствени услуги на пациентите од штипскиот, но и од струмичкиот регион.

-Наредната година планираме на специјализација за очни болести да упатиме двајца лекари, со цел кадровски да се екипираме во делот на докторите, бидејќи овде имаме проблем со извршителите, вели Ѓеорѓијев.

Началникот на Одделението за очни болести, Александар Мишев вели дека со новиот апарат ќе имаат современа дијагностика. Појаснува дека апаратот е пред сè за болестите на ретината предизвикани од дијабетис, старечката макуларна дегенерација, сите промени на васкуларните крвни садови и секое воспаление или каква било промена на очното дно. Мишев истакна дека со овој апарат пациентите од источниот регион веќе нема да се препраќаат на Клиниката за очни болести во Скопје или во приватните здравствени установи. Прашан дали се прават операции на катаракта или народски познато како перде, Мишев со потврден одговор дека се прават од 100 до 150 во текот на еден месец. Во текот на летните годишни одмори беа стопирани, но пред една недела повторно се почнати интервенциите.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ѓеорѓијев истакна дека денеска е објавен и тендерот за поправка на магнетната резонанца и сервис на компјутерскиот томограф, а ќе чинат околу 100.000 евра. Очекува брзо да се заврши поправката, со цел пациентите да патуваат и се изложуваат на дополнителни трошоци по другите клиники. Што се однесува за барањето за вработување на околу 30 лекари, медицински сестри, болничари, хигиеничари и друг медицински персонал, Ѓеорѓијев вели дека очекуваат одговор и согласност од Министерството за финансии и се надева дека ќе биде позитивен. вдј/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан