• сабота, 27 јули 2024

Штипската населба Сењак 4 доби ново игралиште

Штипската населба Сењак 4 доби ново игралиште
Штип, 22 септември 2022 (МИА) - По речиси три месеца работа, жителите на населба Сењак 4 во Штип добиваат мултифункционален парк. Од катче за повозрасните, до повеќенаменски игралишта за помладите и детски реквизити за најмалите жители на ова населба. Ова се содржините на паркот којшто денес свечено ги претстави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, според кој, од руинирано катче, направиле корисен парк за жителите. -Се наоѓаме во населбата Сењак 4, овде во изминатите неколку недели и месеци работевме на уредување на едно мултифункционално игралиште со паркова содржина, се поставија павер – елементи, хортикултурно уредување, неколку содржини за децата коишто живеат во оваа населба. Едно мини игралиште со вештачка трева за фудбал, баскет игралиште со специјализирана тартан подлога, детски реквизити. Едно место каде што нашите сограѓани, највозрасните и најмалите ќе имаат можност да го поминат своето слободно време, истакна Јорданов. На ваков мултифункционален парк се работи и во населбата Дузлак, а нови спортски игралишта претходно добија населбите Баби, Железничка, Три Чешми и Ново Село. Јорданов истакна дека со вакви содржини ќе продолжат да ги урбанизираат населбите во градот. -Со истиот интензитет ќе продолжиме и во наредниот период. Веднаш штом ја завршивме оваа содржина, во истата населба Сењак 4 ќе продолжиме со уредување на уште еден дел помеѓу зградите, уште едно мултифункционално игралиште. Ова е сѐ со цел да го урбанизираме нашиот град во секоја населба и во секое населено место, рече Јорданов Според жителите, ова е од огромно значење за нивна рекреакција. Инвестицијата за мултифункционален парк во населба Сењак 4 е вредна 1,5 милиони денари, средства обезбедени од општинскиот буџет. вдј/лв/

Остани поврзан