• сабота, 23 ноември 2024

Шпан: Пандемијата не е завршена, четвртиот бран ќе предизвика проблеми

Шпан: Пандемијата не е завршена, четвртиот бран ќе предизвика проблеми
Берлин, 3 октомври 2021 (МИА) - Германскиот министер за здравство Јенс Шпан денеска  предупреди на опасноста од големи последици од четвртиот бран на пандемијата на коронавирус, велејќи дека е далеку од завршена и дека треба да се преземат неопходните мерки. „Ако не преземеме соодветни мерки сега, четвртиот бран ќе предизвика многу проблеми. Пандемијата е се само не завршена“, рече Шпан на заедничката прес-конференција со Лотар Вилер, директор на Државниот епидемиолошки институт „Роберт Кох“.

Тој побара строго почитување на мерките во борбата против пандемијата, како што е ограничување на влезот во ресторани или јавни институции за невакцинираните и носење заштитни маски, како и построго прибегнување кон казнени мерки.

Министерот за здравство укажа и на потребата од подобра контрола во домовите за стари лица за да се избегне појава на зараза, како што се случи неодамна во Бранденбург, кога 14 жители починаа од коронавирус во дом за стари лица. Директорот на Институтот истакна дека вакцинацијата и натаму е најефикасна заштита од коронавирусот, но додаде дека вакцината не е ниту „чудотворно оружје“.
„Вакцинацијата ефикасно штити од тежок развој на болест или смрт, но не заштитува целосно од инфекција. Вакцинираните и оние кои го преживеале коронавирусот не треба да се опуштаат во лажна безбедност“, рече Вилер.
Шпан го критикуваше бавното темпо на дополнителни вакцинации за критичните групи граѓани и апелираше до федералните покраини повторно да ги отворат центрите за вакцинација што беа затворени во септември.
Претставници на федералните и покраинските власти подготвуваат нова средба следната недела на која ќе се разговара за воведување нови мерки во наредниот период.
Епидемиологот од берлинската клиника „Шарит“, Леиф Ерик Сандер, посочувајќи на постојан пораст на смртните случаи и пациентите во одделенијата за интензивна нега, рече дека Германија е во критична фаза на пандемијата.
Во Германија за еден ден се пријавени 20.398 нови инфекции со коронавирус и 194 смртни случаи. паг/
   

Остани поврзан