• петок, 08 ноември 2024

Шпанија ја зафати топлотен бран: Летни температури среде зима

Шпанија ја зафати топлотен бран: Летни температури среде зима

Мадрид, 25 јануари 2024 (МИА) – Во Шпанија, која ја погоди топлотен бран среде јануари, денеска се регистрирани температури од околу 30 степени Целзиусови, соопшти локалната метеоролошка служба.

Во Валенсија денеска беше 29,5 степени, а во Малага 27,8 степени, соопшти службата, додавајќи дека во околу 400 метеоролошки станици се забележани температури над 20 степени.

Ваквата температура е специфична за средината или крајот на јуни, односно во текот на летото, изјави портпаролот на метеоролошката служба.

Според Давид Корел, истражувач од Универзитетот во Валенсија, топлото време среде зима, која го зафати југоисточниот дел на Франција, е предизвикано од присуството на силен антициклон над Средоземното Море.

Шпанија се соочува со сè почести топлотни бранови, понекогаш и надвор од летните месеци, што ги загрижува научниците.

Земјата веќе регистрира невообичаено висока температура во декември, со максимални 29,9 степени во Малага, што е национален рекорд за месец декември.

Топлотните бранови се јавуваат во контекст на тешка суша, особено во Андалузија и Каталонија на исток, каде властите воведоа рестриктивни мерки за потрошувачката на вода, по три години слаби врнежи дожд.

Во Каталонија, во средината на јануари, нивото на акумулации во кои се складира дождовницата за употреба во сушните месеци падна на 17 отсто од капацитетот. Доколку падне под 16 отсто, што се чини дека е неизбежно, властите нема да имаат друг избор освен да прогласат вонредна состојба, со дополнителни ограничувања. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан