• среда, 04 февруари 2026

Шпанија со рекордни 96,8 милиони туристи во 2025 година

Шпанија со рекордни 96,8 милиони туристи во 2025 година

Мадрид, 4 февруари 2026 (МИА) - Според Националниот институт за статистика, Шпанија во 2025 година забележала рекорден број туристи - ја посетиле 96,8 милиони луѓе. Тоа е зголемување од 3,2 отсто во однос на 2024 година кога биле регистрирани 94 милиони странски посетители.

Туризмот придонесува со 12,6 отсто во домашниот бруто-производ, што ја вбројува земјата меѓу водечките туристички дестинации во светот. Според Светскиот туристички барометар на Обединетите нации, државата е трета во светот по приходи од туризам, зад Обединетото Кралство и Франција.

„Приходите од странските туристи во 2025 година пораснале за 6,8 отсто и достигнале 134,7 милијарди евра во споредба со лани - 126 милијарди евра“, соопшти Министерството за туризам.

Во соопштението се наведува дека растот на туризмот е дел од стратегијата за премин кон поодржлив туристички модел, со акцент на квалитетот, а не на масовноста. Најмногу туристи пристигнале во Каталонија - околу 20,1 милиони, што е мал раст од 0,6 отсто. По неа следуваат медитеранските региони и Канарските Острови. Најмногубројни се посетителите од Обединетото Кралство, Франција и Германија. Ова е трета рекордна година за шпанскиот туризам од 2019 година пред пандемијата на ковид-19. Сепак, повторното заживување на туризмот создаде притисок врз пазарот за домување, особено во градските центри, каде што порастот на краткорочните изнајмувања доведе до зголемување на цените и незадоволство кај локалното население. мв/јт/

Фото: Пиксабеј илустрација

Остани поврзан